Средба Иванов – Бејли во Охрид

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска во „Вила Билјана“ во Охрид го прими амбасадорот на Соединетите Американски Држави Џес Бејли.

ivanov-bejli

На средбата, како што соопшти кабинетот на Иванов, се разговарало за развојот на билатералните односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави, за состојбите во врска со европската и евроатлантската перспектива на Република Македонија, како и генерално за состојбите во регионот на Југоисточна Европа.

– Претседателот Иванов изрази очекување дека ќе продолжи американската поддршка и ангажман во однос на надворешно политичките цели и приоритети на Република Македонија – интеграцијата во НАТО и во Европската Унија, унапредувањето на добрососедските односи и продлабочувањето на регионалната соработка, се вели во соопштението.

Македонскиот претседател истакнал дека е неопходно да се создаде нов поттик и дополнителен импулс за членството на Република Македонија во НАТО, посочувајќи дека реализација на нашата евроатлантска интеграција ќе придонесе за долгорочен мир, стабилност, безбедност и просперитет на целиот регион.

Двајцата соговорници размениле мислења за соработката во полето на безбедноста и на одбраната, преку реализација на заеднички обуки и вежби за припадниците на АРМ и војската на САД. Во тој контекст, било поздравено учеството на Армијата на Република Македонија на мултинационалната вежба „Сабер Гардијан 2017“, а биле разменети мислења и информации и за претстојната вежба на АРМ и армијата на САД во Европа, „Драгон Рајд“ која ќе се одржи од 28 јули до 8 август, на воениот полигон Криволак.

Comments are closed.