БАНКАРСТВО:КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА ЌЕ ПРИМЕНУВА ФИКСНИ И ПРОМЕНЛИВИ КАМАТНИ СТАПКИ КАЈ НОВИТЕ ДОГОВОРИ ЗА КРЕДИТИ, ДЕПОЗИТИ И КРЕДИТНИ КАРТИЧКИ

Комерцијална банка АД Скопје почнувајќи од 01.10.2017 година ќе применува фиксни и променливи каматни стапки кај новите договори за кредити, депозити и кредитни картички склучени од 01.10.2017 година.

Фиксна каматна стапка е каматна стапка која не се менува во целиот период на времетраење на договорот или во определен дел од периодот на важност на договорот за кредит и во рокот на орочување на депозитот.

Променлива каматна стапка е каматна стапка која зависи од висината на одредена референтна каматна стапка и се менува согласно вредностите на референтната каматна стапка и вкупната каматна маргина (ВКМ) изразена како процентни поени.

Референтна каматна стапка претставува единствена, јавно објавена каматна стапка за одреден инструмент или каматна стапка која е утврдена на меѓународниот или на домашниот пазар на пари или е просечна пондерирана каматна стапка за депозити на правни и физички лица.

Како референтна стапка за пресметување на променливите каматни стапки за денарските побарувања и обврски ќе се применува стапката што е објавена и достапна на веб страницата на НБРМ (www.nbrm.mk) под називот “каматната стапка на денарски депозити без валутна клаузула”. Истата ќе се преоценува полугодишно и тоа на 01.01. и 01.07. со употреба на објавената стапка на 25.12. и 25.06.

За девизните кредити и денарските кредити со девизна клаузула за правни лица ќе се применува референтната стапка 6 месечен ЕУРИБОР за кредити одобрени или изразени во ЕУР. Референтната стапка ќе се преоценува полугодишно и тоа на секој 01.01 и 01.07 во годината со употреба на важечката референтна стапка на последниот работен ден од семестарот кој му претходел на датумот на ревидирање на каматната стапка.

Референтна стапка за пресметување на променливата каматна стапка која се применува за пресметка на камата на искористениот дел од дозволеното пречекорување на трансакциски сметки на физички лица, останува да биде каматната стапка на благајничките записи која ќе се преоценува полугодишно и тоа на 01.01. и 01.07.

Референтна каматна стапка за пресметување на променливите каматни стапки за денарските кредити со девизна клаузула и за девизните депозити во ЕУР за физички лица се смета референтната каматната стапка за парични обврски изразени или определени во странска валута дефинирана во Законот за облигациони односи (едномесечна стапка на Еурибор за евра) и на начин дефиниран во истиот закон. Истата ќе се ревидира два пати годишно, на 01.01. и 01.07.

За новите депозити орочени на период до 12 месеци (вклучувајќи го и периодот на 12 месеци) за правни и физички лица ќе се применува фиксна каматна стапка.

На крајот на секое полугодие Банката на својата веб страна ќе ги објавува референтните каматни стапки кои ќе важат за пресметка на камата за следното полугодие.

Се известуваат сите корисници на орочени депозити за физички лица, кои сакаат да ги заменат своите постојни производи со новите производи, преку склучување нов Договор за орочување, да се јават во соодветните Служби, на шалтерите на Банката во експозитурите или филијалите на Банката.

Исто така, почнувајќи од 01.10.2017 година Банката ќе ги намали каматните стапки на орочените штедни влогови во УСД (од 0,01-0,10 п.п), АУД (од 0,30-0,60 п.п.), ГБП (од 0,01-1,60 п.п.) и ЦАД (од 0,02-0,70 п.п.) и нема повеќе да склучува договори за орочување на девизни штедни влогови во девизните валути ДКК, СЕК, НОК, ЈЕН.

Comments are closed.