Актуелно 11.09.2018 20:33

47 студенти се запишале на непостоечки факултет во Охрид

47 студенти се запишале на непостоечки факултет во Охрид

Четириест и седум студенти кои се запишаа на Универзитетот за информатички технологии „Свети Апостол Павле“ во Охрид, извисија. На дваесетина дена пред почетокот на студенската година,идните академски граѓани дознаа дека практично се запишале на не постоечки факултети, за кои Универзитетот до овој момент нема акредитација.

Родителите крајно револтирани велат дека недозволиво е на овој начин да се поигрува со иднината на нивните деца кои избрале да студираат на два факултети во склоп на универзитетот, за кои беше објавен редовен конкурс. Запишаните студенти во државна квота, на Факултетот за комуникациски мрежи и безбедност, како и на Факултетот за комјутерски науки и инжинерство сега не можат да студираат на избраните студии. Пред самиот почеток на академската година, откако уредно биле запишани и примени на избраните факултети, во последен миг,во петокот од Универзитетот им било кажано дека за наведените факултети нема акредитација. Студентите сега немаат избор , мора да се запишат на Факултетот за информациони системи, визуелизација, дигитална мултимедија и анимациска техника.

Родителите кои не сакаа да зборуваат пред камера, прашуваат како е можно да се објави конкурс за факултети кои што немаат акредитација? Нашите деца сега велат, немаат избор бидејќи се завршени уписите на сите универзитети, а пополнети се и државните квоти. Тие бараат одговорност од министерството за образовани и наука.

Од универзитет велат дека студентите доброволно потпишале изјави дека се согласуваат студиите да ги отпочнат на друг факултет, се до добивање на акредитација за факултетите на кои се запишале.За ваквата ситуација, вината ја лоцираат во ресорното министерство.

– Програмите за акредитација се пратени до одборот за акредитација и евалуација пред една година и очекуваме што поскоро решавање на тоа прашање како би можеле студентите да го студираат она што им  било првичен интрес.Студентите се запишаа на програмите за кои аплицираа кои чекаат реакредитација и кои доброволно потпишаа изјава за да се префрлат потоа на соодветната програма после добиената реакредитација.-Изјава д-р. Мерсиха Исмаилоска-Универзитет Св.Апостол Павле.

И додека родителите бараат од министерството итно да преземат мерки за да можат разочараните деца да студираат на избраните факултети, од универзитетот нагласуват дека во самиот конкурс имало забелешка со која кандидатите се информирале кои од програмите се очекуваа да бидат повторно реакредитирни –формална постапка од техничка природа  која ресорното министерство ја влече една година.