Финансии 11.09.2018 09:50

Граѓаните плаќаат повеќе за станови од „А“ класа, добиваат понизок квалитет

Граѓаните плаќаат повеќе за станови од „А“ класа, добиваат понизок квалитет

Инвестицијата во стан во Македонија често е скапа, но неисплатлива. Ретко кој купувач навистина го добива квалитетот што го платил. Граѓаните не можат да бидат сигурни дека вградените материјали ќе бидат истите како наведените во проектната документација. Дел од нив мислат дека купуваат енергетски ефикасен објект, а добиваат и за неколку класи помал квалитет, па по вселувањето сметките за струја се неколкукратно поголеми од планираните. Од Стопанската Комора велат дека во моментов сертификатите за енергетска ефикасност се издаваат врз база на проектната документација, а не на крајниот изменет проект. Затоа бараат во Македонија да се воведе таканаречениот БИМ процес кој наголемо функционира во Европа и го следи целиот процес на градба од почеток до крај.

– Енергетската ефикасност се разгледува само на почеток, на ниво на проектирање, но дали тоа што е ставено на хартија навистина излегува и на дело кога зградата или објектот ќе се пушти во употреба? Анкетите покажуваат дека тоа засега не е случај. Голема е дискрапанцата меѓу потрошувачката на енергија што била предвидена и онаа што е реална во пракса, истакна Игор Панчевски, експерт за енергетска ефикасност.

И покрај тоа што не го исполнуваат ветениот квалитет, градежните компании скапо ги наплаќаат квадратните метри. За да купи стан, едно семејство најмногу пари ќе треба да издвои во главниот град. Најскапи населби остануваат Центар, Карпош и Аеродром, со просечни цени од 1000 до 1250 евра. Во главниот град има 5 илјади непродадени станови, а уште 10 илјади се градат во моментов. Иако статистиката бележи намалување на бројот на одобренија за градење, сепак само во јуни биле издадени 205 вакви дозволи, од кои една петтина се однесуваат на објекти во високоградба.