Економија 11.09.2018 12:40

Коцевски: Бизнис ангелите во Македонија се способни за инвестирање

Коцевски: Бизнис ангелите во Македонија се способни за инвестирање

Во пет стартап компании инвестирале македонски бизнис ангели вмрежени во Здружението на бизнис ангели. Тоше Коцевски кој и самиот е бизнис ангел, но и претседател на ова здружение за Фактор вели дека во време кога пристапот до финансии е проблематичен, бизнис ангелите може да завршат одлична работа. Ангелите се тие кои финансираат од идеја, преку менторство до почетен план за бизнис. Овој концепт во земјава не е развиен доволно иако свесноста за поддршката која може да се обезбеди на ваков начин веќе расте. Во моментов има иницијатива за законски корекции со што и инвестирањето на бизнис ангелите би било олеснето. Го прашав колкумина се моментно и какви проекти поддржале досега.

„Почнавме околу 5 – 6 бизнисмени сега сме петнаесетина. Тоа се луѓе од реални фирми, имаат свои бизниси и се моќни да финансираат проекти. Финансирани се пет проекти сите се од сфера на Информатичко комуникациски  технологии (ИКТ) – софтвери и апликации, она што е тренд во светот. Некои од проектите што се разгледуваат не се од оваа индустрија туку од машинската, но со нив се уште разговараме и не сме договориле. Допрва треба да се интензивираат разговорите, па и сумите кои се потребни. Една од идеите веќе е функционална и работи во Бразил. Ја прифативме, интересна е за нас и тоа е добро. Најверојатно ќе се потпише овој месец.

За што сте подготвени да финансирате? Кои други сектори?

Постои подготвеност и во делот на хемиска индустрија, но и медицината, машинството. Генерално има добри идеи, што не сме ги ни замислиле, а откако ќе ги чуеме гледаме дека е добра. Имаше една идеја кoja беше претставена во Истанбул,  Турција. Група млади луѓе имаат идеја како да се заштити овошјето и зеленчукот на подолг рок. Сега ако го измиете свежото овошје и зеленчук, после извесно време се расипува. Но ако се намачка со оваа течност која е иновирана, а која всушност не е од хемиски состојки туку од природни, свежиот производ може да стои многу повеќе. Сепак повеќето од стартапите кои се потенцијални за инвестирање се од интернет технологии.

РАСТАТ ЗАЕДНО

Бизнис ангелите инвестираат по 5 до 10 отсто од капиталот во фирмата и за некое време си заминуваат од компанијата. Каков е всушност концептот?

„Нема некое  правило како бизнис ангелот постапува. Има пракса која  впрочем ја споменувате па најчесто се вложува капитал до тој дел од вредноста. Сепак има разлика од бизнис ангел до друг. Значи има таков кој само вложува,има доста кои даваат стратегија и менторство. Значи вложувате, но давате и знаење, иако има и такви кои даваат само пари за да се воздигне бизнисот. Висината на вложениот капитал зависи од она што им треба на фирмите каде се вложува но и од договорот. Ако е тоа што се вика proof of concept, и кога компанијата веќе е до некое повисоко ниво на развој, односно веќе заработува, тогаш валуацијата е поголема. Тогаш 10 отсто секако ќе се поголем влог. Вие по оценката може и 30 отсто да земете односно да вложите, ако така се договорите. Многу од компаниите знаат и да се преценат и да кажат дека се вредни милион евра и дека утре на бизнисот ќе заработат 20 милиони евра. Ако сте искусен бизнисмен вие нема да прифатите. Она што доведува до вистинска евалуација практично е преговарањето. Често се вклучуваат и консултанти, па се гледа односот на вредност на стартапот со инвестицијата.

Секогаш ли бизнис ангелот си заминува или може да остане?

„И да и не. Има пасивен бизнис ангел кој вика вложувам и за три години, и после сакам да продадам и излезам. Колку ќе се оплодат толку ,може двојно, може и помалку но таков е првичниот договор со кој се обврзува да излезе за одреден период. Некои бизнис ангели се подолгорочни, вклучувајќи ме и мене, на пример. Таквите остануваат и по седум или десет години, па и подолго. Или останувате па ако требаат уште пари тогаш и вие сте дел од играта. Заедно растете, и се случува ние како  бизнис ангели да помагаме како да се обезбедат до поголеми извори на пари и на меѓународен пазар“.

А колку пари се вложени во овие пет идеи?

Отприлика за овие 4-5 идеи има 300.000 евра вложени за овие 4-5 години.

Генерално има ли простор за повеќе бизнис ангели во земјава. Има ли Македонци кои имаат доста капитал. Сакаат ли да инвестираат?

Од друга страна има ли и компании кои се потенцијални за финансирање?

Да, има простор за бизнис ангели и тоа бесконечно многу.

Би било многу убаво да инвестираат. Има интерес. Има луѓе кои имаат капитал, но и нивните компании имаат капитал. Не се со милиони, но се со неколку стотици илјади евра. Секако постои можност и повеќе  бизнис ангели да се здружат па инвестицијата да биде поголема.

 

МНОГУ ДРЖАВНИ ПРЕЧКИ

Во исто време потребна е помош и од државата. Таа преку мерки може да ги стимулира тие извори на финансирање, со што бизнис ангелите ќе се охрабрат да инвестираат зошто сигурно ќе имаат бенефит. Впрочем во сите земји има даночно олеснување. На секој што инвестира му се издава потврда и е ослободен од данок за сумата која е вложена. И во земјава е поведена иницијатива за нова регулатива за воведување на таков вид на закон за кој сметам дека многу ќе придонесе за овој тип финансирање. Моментно многу закони прават блокада на ваков тип инвестирање. Една од блокадите е на пример ако вие во една  фирма сте блокирани, а сте основач на компанија, вие не може да основате нова.. Тоа е голема пречка. Друго – како Управата за јавни приходи ги проверува сите стартап компании. Имавме случај УЈП дошла во првите шест месеци во контрола на стартап, не нашле договор со фирма која инвестирала туку само фактура и стартапот беше затворен. Тој вид на пречки не треба да постојат. Додека не ги средиме тие домашни кочници нашите кадри ќе бегаат надвор. Ние плаќаме на програмерите по 15 евра по работен час, а фирмата плаќа 1000 до 1500 евра плата. Но тоа е проблем, зошто истиот  програмер ќе најде работа надвор и ќе го земат за 3000 евра плата со цело семејство. Кај нас давачките се до 50 – 60 посто на  износот на плата и тоа работадавачите многу ги чини. Во другите држави и компании има доста и бенефиции како додаток на плата.

Ние сметаме дека треба да се намалат давачките за инвестиции во стартапи и иновации. Мислам дека треба и да се овозможи олеснување во даночна смисла на сите стартапи како што има во економските зони . Ние мислиме дека ако Владата помага при тој  олеснувања, независно што стартапот не е во зоните ќе му овозможи да порасне во првите пет години па ќе допринесе за  повеќе приход и од тие кои се отвориле во зоните. Во светот на виретуелноста вие сте рамни на сите глобални играчи зошто  играте со вашиот компјутер и совашата креативност. Создавате апликации кои  се продаваат во цел свет. Холандија го има www.booking.com , кој постои безмалку 15 години. За толку години станa гигант кои вреди милјарди евра а сите тие се приходи на  Холандија. A сте можеле да го создадете booking.com и овде во Македонија.

Идејата е виртуелна, ама пари има

Естонија е пример за добар развој на стартапи, знаеме дека банките не ги поддржуваат, па  изворите се ограничени, бизнис ангелите можат да завршат добра работа?

Точно е дека банките не ги финансираат  стартапите и затоа постојат бизнис ангелите. Тој прв момент кога требаат финансии е многу важен. Стартап  компаниите немаат што да заложат и не можат да земат кредит. Немаат имот, немаат пораснат бизнис, ама на пример имаат добар софтвер и добра авторска идеја кој секако е креација. Да го земеме Фејсбук како пример. Замислете сега колку корист може да има банка кај која е заложено правото на авторство на Фејсбук. Колку би вредело сега? На запад може да се заложи и такво право, креација и така се финансираат проектите. Кај нас не. Па сигурно сопственикот на Фејсбук не заложил  згради  за кредит за да почне со бизнисот. Се почива на самата идеја. Таа била финансирана исто така од бизнис ангели.

Бизнис ангелите тука наоѓаат смисла и се наоѓаат себе си. Компаниите ќе добијат пари да се развиваат, а ние да профитираме после  некое време. Оптимист сум дека Владата може да најде начин овие сектори да се доразвијат.

Исто би напомнал многу важна работа дека ангелите имаат голема улога во развојот на новата дигитална економија. Таа дигитална економија, која почнува да се развива од после 2000 година е нов правец во глобалната економија и треба што побрзо да се вклучиме во создавање на истата во нашата држава. Во моментов имаме исти шанси со сите држави да ја развиваме. Што побрзо реагираме да ја развиеме и подржиме тоа побрзо ке профитираме и ке растеме како економија и ке го зголемиме економскиот раст. Во многу економии годишниот економски раст е бар половината добиен преку раст на дигиталната економија. Замислете го АЛИБАБА колку е приходен и профитабилен и дека преку него се одвива бар 30 отсто од извозот на Кина.

Инаку таа не се развива само во развиени земји. И Македонија може да биде еднаков чинител, заоа што во виртуелноста сите сме еднакви. Вашиот технолошки производ може да се продаде насекаде во светот. Ако продадете на сто милиони луѓе по еден долар месечно, дали се тоа 100 милиони евра приход за државата. А верувајте, лесно може да се дојде  до тоа и со релативно  малку пари. Се рекламирате на Гугл, Фејсбук, Линкедин, а  тоа не чини многу пари за разлика од пред седум- осум години кога немаше вакви реклами, па се плаќаше многу по телевизии и други странски медиуми.

Сега една од апликациите во која е инвестирано треба да се продава во Њујорк и рекламирањето на Линкедин или Фејсбук е  околу 30.000 евра. Порано тоа беше тројно повеќе.

Како им оди на тие во кои веќе сте инвестирале?

Тоа се стартапи. На едната доста добар им е почетокот и има договор со ВИП  кои го препознаа тој производ и го ставаат со секој мобилен телефон. Тао е Novobox  кој е конкурент на Dropbox кој е целосно македонски производ и тука е направен заедно со американска компанија, но инвестицијата е од бизнис ангелите овде. Другите производи се во привршување во бета верзија и за нив веќе има изгледна иднина. Бразлиската апликација веќе добро оди.