Актуелно 24.06.2019 19:37

Софија задоволна од Скопје: Македонија подготвена да го отпише Гоце Делчев

Софија задоволна од Скопје: Македонија подготвена да го отпише Гоце Делчев

Софија е задоволна од Скопје. Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев ја поздравува изјавата на македонскиот претседател Стево Пендаровски дека Гоце Делчев се декларирал како Бугарин.

-За првпат од 1944 година ја слушаме од Скопје вистината за Гоце Делчев! Да, тој се прогласи за етнички Бугарин, без толкувања! Вистина е, исто така, дека тој се борел за автономна Македонија во рамките на Отоманската Империја, пишува Ковачев на социјалните мрежи.

Пораката од Пендаровски ја поздравува и Ангел Џамбазки кој е европратеник и заменик претседател на бугарската ВМРО, тој вели дека изјавата на македонскиот претседател е добар чекор против 50 години бесно антибугарство, пренесува Алфа.

-Ова е голем чекор напред. По години на фалсификати, по години на фалсификувана кражба на бугарската историја, на безобразни злоупотреби, актуелниот претседателот на братската Македонија вели дека е историскиот факт -дека Гоце Делчев е Бугарин. Оттука натаму евентуалните преговори за членство на Македонија во Европската унија ќе минуваат низ демонтирање на лажната надградба на македонската државност. За нас не постои сомнеж – поимот ‘македонска нација’ има свој датумот на раѓање – 2 август 1944 година во манастирот „Прохор Пчински“ кој понатаму беше наметнат со националното предавство на некои лидери во Софија по 1944 година, вели Џамбазки за бугарските медиуми.

Пендаровски изјавата за Делчев ја даде пред неколку дена.

-Гоце Делчев се декларирал за Бугарин и во исто време се борел за самостојна македонска држава, рече претседателот Пендаровски во интервју за емисијата „360 Степени“.

Додека бугарските историчари и политичари вложуваат огромни напори да го претставаат македонскиот револуционер како Бугарин, дел од македонските историски експерти децидни, Гоце Делчев е македонски борец, а мешовитата комисија е политички диригирана.

-Скопје нема што да признава околу Гоце Делчев. Да се спуштиме во времето во коешто живеел, тој бил османлиски поданик, таа османлиска власт него му дозволувала да се определи и кон образовно-културната власт- тоа е егзархијата…, вели професорката Наташа Котлар, пренесува Алфа.

Историчарот Стефан Влахов Мицов пак за Алфа, вели дека желба на Делчев била неговите коски да бидат погребани во слободна Македонија.

Во јавноста се наметнува прашањето зошто доколку Делчев бил Бугарин би сакал да биде закопан во Македонија.

Апетитите на исторчниот сосед на Македонија се се` поголеми. Тамошната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева вели дека не се подготвени на компромиси околу прашањето за Гоце Делчев и се закани дека без договор околу заедничкиот датум за чествување на Делчев, Софија ќе ја прекине работата на експертската комисија.

Претходно и министерот за одбрана Каракачанов најави блокирање на нашето членство во ЕУ и НАТО, доколку македонската страна не прифарти одредени отстапки во одност на историските прашања.