Живот 26.04.2018 12:46

Урбан Парк во Центар го пасат овци (ФОТО)

Урбан Парк во Центар го пасат овци (ФОТО)

Шокирачки фотографии добивме од еден читател за состојбата на Урбан Парк во општина Центар. Имено на фотографиите се гледа стадо овци како пасе во зелената површина, а надлежните служби на општина Центар никаде ги нема.

„Урбан парк” се наоѓа на улица „Јордан Мијалков”, спроти Геолошкиот завод и е на оддалеченост од стотина метри од плоштадот. Тој е целосно уништен, а сега гледаме дека е претворен и во место за пасење на овци.

Веќе една година наназад овој парк се уништува, скршена е целата урбана опрема, детското игралиште е во катастрофална состојба, местото е претворено во депонија, а сега најново се користи и за чување на стока.

Граѓаните се револтирани бидејќи им е уништен најблискиот парк во кој порано ги носеа и своите деца, а градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ кој во предизборието ветуваше многу за зелените простори и парковите го нема да мрдне со мал прст.

Еве што ветуваше Богдановиќ за Урбан Парк во кампањата:

– Како конкретна мерка во поглед на зазеленувањето на слободните површини ќе се изврши и целосно реновирање на Урбан парк, кој беше целосно запуштен поради недоволно посветената грижа. За заштита на стеблата на дрвјата ќе се постават и решетки од силни конструкции и со различен дизајн. Како дел од грижата за најмладите, а во однос на нивните активности за рекреација, ќе бидат изградени комплетно нови детски игралишта таму каде што постои простор, а постојните ќе бидат обновени и дополнети со нови елементи. Опремата што ќе биде поставена на овие детски игралишта ќе соодветствува на различни возрасти, а ќе биде изработена според најсовремени безбедносни стандарди. Сите дворови на јавните објекти ќе бидат зазелените со одржливо решение, особено оние каде што доаѓаат најмладите.

Урбан парк наместо реновирање и комплетно нови детски игралишта доби овци и куп ѓубре. Просторот на паркот е населен од бездомници иако општината најавуваше уште пред месец и половина дека ќе ги дислоцира, се уште ништо не е направено, туку напротив, освен бездомниците граѓаните на Центар добија и овци.

– Не сакавме во зима да пристапиме кон отстранување на овие монтажни, картонски живеалишта, но наскоро ќе почнеме, бидејќи имаме многу поплаки од жителите. Се разбира, во соработка со другите институции ќе им најдеме живеалиште на овие лица, рече Богдановиќ пред месец и половина, ама ефект нема никаков.