Живот 21.06.2018 15:21

Во Германија бизнисот се намалува ако репрезентацијата губи

Во Германија бизнисот се намалува ако репрезентацијата губи

Доколку германската фудбалска репрезентација рано се збогува со Светското фудбалско првенство, по поразот на стартот од Мексико, тоа негативно ќе се одрази врз одредени бизниси .Веќе акциите на Адидас, спонзорот на „маншафтот“ по стартот на СП се чинат помалку атрактивни.

На последното европско првенство 2016 Адидас само од фудбалски производи и фан-артикли заработи околу 2,5 милијарди евра.

Прометот се зголемува и кај трговците на мало. Шефот на концернот Реве, Лионел Суке, смета дека приходите од продажби се зголемуваат за најмалку 2% во неделите на одржување на СП. Грицки за долгите фудбалски попладниња и вечери, пијалоци и месо за скара е на врвот на списоците за купување на нацијата.

Уште пред почетокот на СП супермаркетите и трговците на мало се обидоа да го поврзаат позитивното расположение на големиот спортски настан со сопствените марки.

Студија покажала дека трговците може да се радуваат – за дресови, знамиња или капи со боите на Германија, Германците сега се подготвени да дадат двојно повеќе пари отколку во 2014, имено речиси 23 евра. Во 2014-та беа нешто повеќе од 11 евра.

Но и тука факторот успех или неуспех на германската репрезентација игра одлучувачка улога. Според анкетата што ја направи Сојузот на германската трговија меѓу 300 трговци, 90% од испитаниците се на мислење дека СП-ефектот зависи многу од тоа до каде ќе стигне германската репрезентација на првенството. Втор фактор се временските прилики во текот на првенството.