Актуелно 10.09.2018 11:53

Заев: Прогресивното оданочување го одложивме поради референдумот

Заев: Прогресивното оданочување го одложивме поради референдумот

Даночната реформа или воведување на порогресивен данок на персонален доход е одложена поради референдумот за договорот со Грција, кажа денес премиерот Зоран Заев. Тој рече дека одлучиле да го одложат воведувањето на прогресивниот данок, бидејќи за реализација на оваа реформа сакаат да има квалитетна дебата, а поради дебатата за референдумот оваа би поминала незабележано.

-Даночната реформа ја одложивме, оти ќе беше затскриена, оти во тек е дебатата за референдумот и не сакаме да носиме решенија. Самиот договор со Грција ја донесе потребата да ја одложиме даночната дебата, која требаше да биде во летото. Но тогаш се случи договорот со Грција. Дебатата за даночната реформа веројатно ќе продолжи по референдумот. Левичар сум и сметам дека правичното оданочување е потребно, дека тие што имаат повеќе треба да платат повеќе, а тие што имаат помалку да платат помалку. Дај Боже сите да имаат повеќе. Но, ако нема време за реализација до крајот на годината нема да брзаме ништо, сакаме да им дадеме време за подготовка на ваква даночна реформа и на стопанството и на граѓаните, рече Заев.

Со оваа реформа, која ја најави Министерството за финансии, предлогот е сите што имаат плата под 1.000 евра да плаќаат данок на доход по стапка од 10 отсто, а останатите над овој праг да плаќаат по даночна стапка од 18 отсто. Дел од стручната јавност негодуваше дека прагот кој е поставен за прогресивно оданочување е пренизок, бидјќи ќе бидат погодени токму оние граѓани кои редовно плаќаат даноци.