Премиерот на заминување и натаму секојдневно ги користи предвремените парламентарни избори за уцени и пазарење со опозицијата, на секој начин обидувајќи се да ги одложи. И аналитичарите согласни дека соочувањето на изборите на 12. април 2020. година за Зоран Заев очигледно и не е така посакуван момент.
На точно 10 дена од крајот на неговата премиерска функција, која треба да ја предаде на 3. јануари, кога со работа почнува со работа Техничката влада, Заев не пропушта шанса да се додвори и предизборно да поентира, паралелно отворајќи пат за нивно одложување. Во најновиот обид да поентира кај гласачите, соочен со поразителните резултати на неколкуте последователни анкети, Заев денеска го искомбинира бегството од изборите со популистичка порака дека на прво место му биле граѓаните, па потоа изборите.
„Сто пати сум кажал досега дека изборите не треба да се одложуваат, но истовремено должност пред се граѓанска и политичка е да не дозволиме било што да ја закочи реализацијата на она што значи интерес на граѓаните“, потенцира Заев, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со 120-те закони што се на дневен ред на собраниската седница.
Дека Заев планира или, барем, посакува бегство од изборите, договорени со опозицијата кај Пендаровски и дека ќе бара илјада начини како да ги одложи, се сомнева и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.
„Цело време се обидува да внесе смут и во Собранието, меѓу коалициските односи во неговата Влада и со разни идеи само за да избега од изборите. Веројатно во текот на вчерашниот ден добил нови анкети на својата маса и видел дека трендот на поддршката која тој ја има е во екстремно надолна линија“, изјави Димовски.
И политичкиот аналитичар Александар Даштевски, во изјава за „Курир“ предупреди дека она што треба да го загрижува секој граѓанин е обидите на власта за одложување на изборите и продолжување на агонијата која трае подолго време, но и опасноста од фалсификување на изборите по секоја цена.