Економија 31.07.2018 12:27

100 милиони евра за мали и средни претпријатија во Македонија

100 милиони евра за мали и средни претпријатија во Македонија

Наесен 100-те милиони евра евтини кредити од Европската инвестициска банка ќе им станат достапни на малите и средни претпријатија. Министерството за финансии изготви Закон за гаранција, кој ќе се најде денес на владина седница, по што ќе биде доставен до Собранието на РМ.

Откако Собранието ќе го усвои законот, ќе се потпише договор помеѓу Европската инвестициска банка и Македонската банка за поддршка на развојот, како и Министерството за финансии во својство на гарант на заемот. Со потпишување на договорот 100-те милиони евра ќе станат достапни за малите и средни претпријатија.

Македонската банка за поддршка на развојот ќе ја пласира оваа кредитна линија преку деловните банки, како посредници до крајните корисници. Со ова ќе се обезбеди свеж капитал за малите и средни претпријатија, ќе се поддржат нови проекти, нови вработувања, ќе се зголеми ликвидноста во стопанството и ќе се зголеми извозот.