Четири противпожарни возила со 11 пожарникари биле испратени по повик од Амбасадата на САД во Скопје вчера попладне, но не интервенирале оти станувало збор за лажна дојава, пишува СДК.МК.
Од Противпожарната бригада на Град Скопје велат дека во петокот во 17.20 часот на телефонскиот број 193 добиле дојава за пожар во канцелариски простории на Амбасадата на САД, по што веднаш испратиле четири возила со 11 пожарникари. Откако пристигнале пред Амбасадата не биле пуштени да влезат во дворот, туку им било речено да почекаат.
По извесно време, безбедносните служби на Амбасадата ги известиле дека нема потреба за интервенција бидејќи станувало збор за лажен аларм во една од канцелариите. Малкуте вработени што во тоа време биле во просториите на Амбасадата биле евакуирани надвор од зградата согласно внатрешните процедури за безбедност.
Од Амбасадата на САД велат дека немаат што да додадат на информацијата од Противпожарната бригада.