Актуелно 04.10.2018 14:17

Стопанска комора алармира: Потребен е нов модел за раст на македонската економија

Стопанска комора алармира: Потребен е нов модел за раст на македонската економија

На пет пакет мерки со кои ќе се зголеми растот на домашната економија  ќе работи во следниот период Стопанската комора на Македонија. Стопанствениците тврдат дека на Македонија како на мала и отворена економија единствена алтернатива за поголем раст и се модерна реиндустријализација односно зголемување на учеството на преработувачката индустрија во БДП преку пренасочување на ресурсите кон индустриски гранки, сектори и потсектори кои имаат поголема додадена вредност и повисоко ниво на продуктивност и извозна диверзификација односно зголемување на бројот на извозни производи кои имаат повисок степен на финализација и ниво на комплексност, пораст на бројот на извозни компании и зголемување на бројот на земји каде земјата извезува. Дека ова е итно потребно покажал и труд на професорот  Дарко Лазаров од Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

„Првиот пакет на мерки треба да бидат насочени кон обезбедување финансиска поддршка за инвестиции во нови технологии и градење на производни способности на извозно ориентирани домашни компании во рамките на претходно адресираните стратешки индустриски сектори, потсектори и производи. Вториот пакет на мерки се однесува на подобрување на кадровските и менаџерските способности на извозно ориентираните домашни компании. Третиот пакет на мерки се однесува на редефинирање на програмата за привлекување странски директни инвестиции (СДИ) во која фокусот ќе биде ставен на привлекување само на оние странски компании во рамките на претходно адресираните стратешки сектори и потсектори со цел нивно ставање во функција на домашната економија преку интегрирање на домашните компании во нивните синџири на снабдување. Четвртиот пакет на мерки е насочен кон градење на инфраструктура за индустрија со цел присвојување на придобивките од процесите на дигитализација, компјутеризација и роботизација. Петтиот не помалку важен пакет на мерки се однесува на зајакнување на институционалните капацитети на државата и подобрување на бизнис регулативата, велат од Стопанската комора.

Авторите заклучиле дека моделот на раст на македонската економија нема капацитет да испорача високи и одржливи стапки на раст и час поскоро е потребно негово редефинирање каде главниот фокус ќе биде ставен на факторите на страната на понудата.

 „Овие фундаментални развојни процеси на модерна реиндустријализација и извозна диверзификација не се случуваат ад хок и без активна улога на државата преку дизајнирање на ефективни и ефикасни економски и индустриски политики кои де факто треба да бидат насочени кон претходни идентификувани стратешки индустриски сектори, потсектори и производи кои имаат потенцијални компаративни предности и поседуваат реални економски претпоставки да се развиваат во иднина. Во таа насока, Стопанската комора на Македонија со реномирани меѓународни и домашни експерти во следниот период ќе работи на мапирање на тие стратешки индустриски сектори, потсектори и производи и детално проучување на одделните индустриски гранки (на ниво на производ) и нивната репродукциска поврзаност (вертикално и хоризонтално) со цел идентификување на развојните можности и потенцијали на земјата“, стои во соопштението. 

Според нив таквиот методолошки пристап ќе креира една корисна основа за дизајнирање на подобри економски и индустриски политики насочени кон забрзување на овие процеси чии таргети се зголемување на учеството на преработувачката од сегашните 12% на повеќе од 16% преку преструктурирање на преработувачката индустрија кон сектори, потсектори и производи со поголема додадена вредност и зголемување на учеството на извозот од сегашните 55% на повеќе од 70% преку зголемување на бројот на производи наменети за извоз со поголем степен на финализација и истовремени зголемување на домашната компонента во извозот.

Инаку Македонија во пост-транзициониот период бележи релативно бавна развојна динамика со просечна стапка на раст од 2,7%, што споредено со земјите од регионот ја вбројува во групата на земји со прилично лоши економски резултати. За илустрација, просечната стапка на економски раст за истиот период (2001-2017 година) во Албанија е 4%, Бугарија 3,7%, Србија 3%, Црна Гора 3%, Романија 4%, Словачка 4%, Естонија 4%, Полска 3,6%.

Резултатите од анализта на Азески и Лазаров покажале дека во земјава растот на економијата е базиран на квантитативни промени во ангажираноста на факторите на производство (труд и капитал). Повеќе од 200.000 ново вработени и просечните стапки на раст на инвестициите од 3,44% во периодот 2001-2017 година како главни мотори на растот не придонесоа за технолошки прогрес и пораст на човечкиот капитал како базични фактори за пораст на продуктивноста на економијата;

Потоа, растот на економијата бил воден од страна на побарувачката (повеќе од 90% од растот е базиран на финална потрошувачка на домаќинствата и јавна потрошувачка на државата) на сметка на негативниот придонес од -52% на нето-извозот во растот на економија што само ја отсликува неконкурентноста на македонската економија;

Секторскиот пристап во анализа на изворите на растот укажува дека растот на економијата доминантно беше воден од услужниот сектор (непазарни услуги како што се јавната администрација, јавното здравство, образованието и социјалните работи и услуги кои не се предмет на тргување како што се трговијата на големо и мало).

При детална анализа на перформансите на преработувачката индустрија се констатира дека постои тренд на деиндустријализација без значително структурни промени кои ќе придонесат за зголемување на нивото на продуктивност. Се`уште доминантни индустриски гранки од аспект на бројот на вработени се текстилната и кожарската индустријата како трудоинтензивни сектори со ниска продуктивност и индустријата за базични и фабрикувани метали кои исто така во случајот на Македонија имаат ниска продуктивност.