Што и кога тинејџерите премолчуваат пред своите родители? Колку е опасно кога сами се обидуваат да решат проблем на кој не му се дораснати?
На овие прашања многу родители не го знаат вистинскиот одговор.
Психијатарката Александра Бубера за српскиот портал Б92 вели дека основно и најбитно во односот со децата е да се создаде доволно доверба уште на најрана возраст.
– Тинејџерите секогаш премолчуваат нешто пред родителот ако направиле „беља“ за која ќе бидат казнети, понижени, навредени или пак, истепани. Така себеси си отежнуваат уште повеќе, објаснува докторката.
На прашањето – дали родителите треба да инсистираат на тоа детето да им кажува се, и како тие да реагираат кога ќе сфатат дека тоа сепак не се случува, Бубера појаснува дека тоа се решава многу пред тинејџерството и зависи од тоа како функционира семејството.
– Ако детето од нешто се срами и мисли дека родителите поради тоа го отфрлаат – ќе премолчи. Истото се случува и ако веќе сфатило дека може лесно да ги изманипулира и дека така најлесно се провлекува за своето однесување, за кое и само донекаде знае дека е несоодветно. Затоа е важно децата порано да разберат дека ништо не е толку страшно, за сами да се зафатат со некој проблем, којшто, сепак, е преголем залак за нив. Родителите треба да бидат гласот на разумот и конструктивните критики треба да послужат детето да научи нешто од своите грешки, а не да се срами и понижува, додава докторката.
Таа вели дека претераното заплашување е залудно и носи негативни резулати. Тоа значи дека пристапот на родителите мора да биде „дипломатски“, тактичен…
– Ако раководство на некоја компанија сака успешно да функционира, мора да соработува со работниците, да ги чуе и да преговара до одредени граници, но и да знае кога треба да донесе одлука „по свое“, а кога да ги послуша своите потчинети. Така е и со семејството. Едни без други не можат да функционираат, додава Бубера.