Претседателот на словенечкиот парламент Дејан Жидан при неговата посета на Македонија се возеше со мерцедесот вреден 600 илјади евра набавен од страна на претходната влада за која експремиерот и бивш лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски е осуден на затворска казна.
Високите странски гости како, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, канцеларот на Австрија, Себастијан Курц, и германската канцеларка Ангела Меркел исто така се возеа во „мерцедесот“ набавен од страна на претходната влада.
Иако табличките на мерцедесот се променети СК-2936-АЦ во СК-4047-АП, сепак се работи за истото возило „мерцедес ЕС 600 Гард“, бидејќи тоа е единственото возило во земјата кое ги задоволува високите стандарди за безбедност на гостите од висок ранг. Очигледно дека возилото е во одлична состојба и не е уништено и гребено од мачки, како што тврдеа премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, штом сега се користи за делегацијата предводена од канцеларката Ангела Меркел.
Јавноста е сведок дека возило се користи за намената за која е купено, односно со него да се превезуваат делегации на странски земји и странски високи функционери, како и за други намени кога тоа го пропишуваат строгите протоколарни и безбедносни стандарди.
Ова е доказ дека предизборното ветување на Заев дека „тенкот на Груевски“ ќе го продаде и со парите ќе купи амбулантни возила за болниците во Македонија, е една од многуте негови предизборни лаги.
–Ќе го вратиме тенкот, Мерцедесот на Груевски од 600.000 евра и со парите од неговата сегашна вредност ќе набавиме амбулантни возила за клиниките во Македонија. Нека биде ова симбол на новото време во кое ставаме крај на расипничкото трошење и воведуваме социјални политики, согласно потребите на граѓаните, ќе рече Заев на еден од партиските митинзи во предизборието.
Мерцедесот не се продаде, се сервисираше за 30.000 евра, амбулантни возила нема.