Партиската одлука за затвор е да го задоволат своето его, да ги залечат своите фрустрации од 11 годишните порази на изборите, да го понижат и да му се одмаздат за одбраната на името кое сега баш тие го менуваат заедно со идентитетот и со воведување на мека федерализација и бинационалност.
Безкрупулозно се обидуваат да создадт слика дека Груевски е лош, зол, криминалец, насилник, националист и предавник истовремено, дека се што сторил е грешно итн. Секој ден по 10 пати кажуваат дека нешто украл, а еве три години партиското СЈО ниту со помош на аудио снимките не најде една работа дека украл, па го товари за глупости кои никој не ги оправдува.
Воедно со овој крајно репресивен чекор – ставање во затвор, Заев сака да демонстрира моќ пред народот, да му се плашат уште повеќе, особено пред неговите членови. Но, гледајки дека кај народот има отпор по ова прашање, дека дури и неговите членови кои не го сакаат Груевски коментираат дека ова со ,,тоа на М…,“ е чиста глупост, се’ повеќе СДСМ има потреба да го напаѓа Груевски секој ден, како да тој е премиер, а тие се’ уште опозиција.
Не можат да се помират. Сега се во фаза кога се убедени дека штом влезе во затвор, ќе ја завршат работата, а не знаат дека дури тогаш ќе сфатат каква грешка направиле.
Народот јасно го гледа изнасиленото затворање на Груевски, бидејки народот памети што се Груевски направи за оваа земја и прави разлика со она што сега СДСМ не го прави.
Тие секојдневно пуштаат партиски соопштенија со цел оцрнување на неговите проекти, демонизирање и давање криминален контекст, за да ја уверат јавноста во исправноста на нивната одлука.
Пред некој ден го плукаа зошто вовел ниски и рамни даноци, вчера пишуваа за проектот „Сончев град“, денес со уште поголем гнев и повеќе лаги за идејата за Панорамското тркало за кое пишуваат ќе чинело 20 милиони евра. А, се сеќаваме требаше да чини шест милиони евра кои од продажба на карти и ресторанот под него, за неколку години ќе се вратеа во буџетот. Утре можеби на дневен ред ќе биде оцрнување на изградената Филхармонија, или зголемените земјоделски субвенции, пензии на пензионерите, изградени и реновирани болници и набавени медицински апарти итн итн.
Во спротивно, тие ќе мора секој ден да се потат и да објаснуваат зошто ги качуваат даноците и придонесите? Зошто го менуваат името и идентитетот? Зошто воведуваат бинационалност, двојазичнот и мека федерација? Зошто нема нов инвеститор донесен од нив, а не договорен од Груевски? Зошто нема повисоки плати како што ветија?…
Да се повлече некој од премиерска функција пред речиси три години и од партиска функција пред речиси една година, да се пасивизира како политичар повеќе од половина година, да му накалемиш куп обвиненија, истраги и пресуди и да имаш толку силна потреба се’ уште секој ден да држиш прес конференции и секој ден да испраќаш соопштенија со негово црнење, омаловажување и создавање лажна слика, мора да ти фали нешто, мора да имаш голем проблем и мора да се плашиш од неговата големина и успех.
Големиот проблем е што Груевски 11 години го бранеше името, направи најсилна економија во историјата на земјата, донесе странски инвестиции и отвори 180 илјади нови работни места како никој пред него. Првпат се удри силно по криминалот со сите сили, ги воздигна земјоделците и културата, го зајакна образованието, воведе бесплатни учебници, отвори и изгради многу нови факултети, универзитети, училишта и редица други проекти и реформи, а сето тоа сега го нема од новата власт.
Не можат да ги искречат објектите кои ВМРО ги изгради. Да, имаше и грешки. Но, кога ќе се споредат со грешките на сегашната власт тоа е ништо, тоа е минорно. И ајде сега ќе го затвораме Груевски и така ќе си ги решиме проблемите.
Тоа е исто како маќејата во приказната за Снежана и седумте џуџиња. Кога огледалцето не и кажува дека е најубава на светот, таа го крши и решава да ја уништи Снежана, за таа да биде најубавата. Ќе го скршиме огледалото и нема да не потсетува колку сме грди.