Денеска Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ со панел дискусија го прослави Светскиот ден на студентите.
На панел дискусијата присуствува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Иванка Василевска член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и Јован Јаулески в.д. претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
На панел дискусијата се разговараше за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат македонските студенти, како и предлог решенија кои во иднина ќе ја подобрат положбата на македонскиот студент.
Професорката и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска во своето обраќање пред Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека погромот кој што се случува денес во целиот државно политички систем се чувствува и во високо образовните установи, а македонскиот студент денес е понесреќен од оној кој што студирал дури и од времето кога условите за студирање биле многу полоши од денес.
– Денес сме соочени со погромот кој што се случува воопшто во целиот државно политички систем на Република Македонија, а истиот го чувствуваме и силно не притиска и во делот на високо школските установи. Зошто македонскиот студент денес е понесреќен од оној пред 10-тина години или пред 20 кога јас бев студент и кога навистина беше нејасно дали Македонија навистина ќе продолжи, дали ќе успееме, дали ќе имаме можности кога немаше интернет, кога немаше толку можности да се патува и да се разменуваат искуства. Кога беше навистина привилегија и чест да се добие стипендија, да се добие некој студентски престој да се оди на некој семинар.
Таа изрази огромна благодарност до партијата ВМРО-ДПМНЕ поради искуствата и знаењата кои ги стекнала како член на партијата учествувајќи на настани организирани од партијата и другите партнерски институции, напоменувајќи ја Фондацијата „Кондрад Аденауер“.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој доаѓа од професорската фела го посочи иселувањето на младите од Македонија како еден од најголемите проблеми на државата, а вината за тоа ја пронајде кај неспособноста на власта.
Мицкоски порача дека силата е во младите кои претставуваат моторот на едно општество, но сега за жал студентите ја губат слободата, а нивниот глас не се слуша.
– Студентите се движечката сила на едно општество, моторот на промените, иновативноста, цутот на секое општество. Најдобар синоним за младиот човек е слободата, кога ја има, тогаш тие поместуваат граници, создаваат и креираат критериуми, вредности, а кога ја нема, тие се искрата од која почнуваат промените. Денес за жал нашата земја го живее можеби најцрното време. Студентите ја губат слободата, и некој ќе праша како е тоа можно, можно е кога тие имаат празен стомак, стипендии кои доцнат и не се зголемуваат, услови за сместување кои не се подобруваат, наставна програма која не се реформира, стандарди кои го пробиваат дното, глас на млади кој не се слуша, вели Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека ниту еден универзитет во Македонија не се наоѓа на Шангајската листа на најдобрите илјада универзитети во Македонија, а студентите кога ќе завршат со своите студии не можат да најдат работа. Токму поради ова Мицкоски посочи дека е потребно целосно преобразување и ново поглавје во односот кон студентите и младите.
В.д Претседателот на Унијата на млади сили, Јован Јаулески најави нова стратегија за млади која набрзо ќе биде презентирана во јавноста во која ќе има идеи и проекти кои ќе понудат алтернатива на безнадежноста во Македонија.
– Сакам да истакнам дека во наредниот период Унијата на млади сили работи на стратегија за млади која ќе биде презентирана во јавноста и исто така идеи и решенија од младите луѓе со кои што се изготвуваат проекти кои што со експертскиот тим на ВМРО-ДПМНЕ кога ќе биде време ќе бидат презентирани пред македонската јавност, се со цел како млади луѓе како авангарда кои треба да ја донесат промената во Република Македонија, да понудиме алтернатива за ова безнадежност, заклучи Јаулески.