Михајло Маневски, поранешниот министер за правда од претходната власт, за „Фактор“ вели дека унгарските органи веќе позитивно одлучиле да го прифатат барањето за азил на поранешниот премиер Никола Груевски.
– Според она што го велат медиумите, одлуката во Унгарија е донесена. Од мое искуство тврдам дека таа може да биде само позитивна, бидејќи се носи за релативно кус период – изјави поранешниот владин соработник на Груевски.
Тој додава дека не постојат правни лекови да се врати Груевски назад и да ја одлежи затворската казна од две години, односно да се соочи со преостанатите обвиненија, бидејќи Унгарија со таа конечна одлука му гарантира заштита до крајот на животот.
– Единствено можеше да се направи нешто доколку Министерството за правда реагираше побргу со барањето за екстрадиција, но не ми е јасно зошто толку бавно се подготвува овој документ и еве колку што следам, истиот уште не е испратен. Роковите се пробиени и тамошните служби не би требало да го земат тоа во предвид штом ќе пристигне – вели Маневски.