Карактеристични однесувања на хиперактивните деца
– Почнува да работи пред да ги добие и разбере упатствата за работа.
– Гледа како работат другите деца пред да проба самото да сработи.
– Работи пребрзо и прави непотребни грешки, а не грешки поврзани со незнаење.
– Постојано е во движење, се допира и не може подолго време да седи на едно место.
– На прашањата одговара пребрзо и не си дава доволно време да размисли.
– Не е способно да ги следи упатствата кои се даваат на целата група.
– Не може да ги запамети упатствата, иако нема потешкотии со памтењето.
– Преминува од една активност на друга и ретко кога ги завршува започнатите задачи.
– Има потешкотии во организирањето на писмените задачи: тие најчесто се збркани.
– Погрешно ги толкува едноставните изјави, не разбира многу зборови и реченици.
– Може да повтори изјави кои му се кажани по подолг период, но не може да ги повтори оние кои му се кажани неодамна.
– Лесно се препнува и паѓа. Неспретно ги фрла предметите или истите му паѓаат од рака.
– Лесно се дружи со оние деца кои многу зборуваат и прават галама, често пати ја прекинува работата за да им се придружи.
– Премногу е зборливо, често го прекинува разговорот.
– Често ја напушта клупата и нешто пребарува во одделението, додека другите деца седат мирно.
– Не внимава кога наставникот нешто објаснува, погледот најчесто е насочен во нешто друго.
– Често кажува „не можам да го направам тоа“ пред и да се потруди, лесното откажување е воочливо посебно кај новите задачи.
– Зборува, пее и си шепоти само на себе.
– Не може да ги искаже мислите на логичен и разбирлив начин.
ПОДТИПОВИ НА НАРУШУВАЊА
Иако често се зборува за хиперактивноста како нарушување, самиот моторичен немир е еден од темелните симптоми во ова нарушување. Имено, се разликуваат три подтипови на нарушување на вниманието, зависно од тоа кој збир на симптоми е најизразен. Основните симптоми се хиперактивност, импулсивност и невнимание.
Деца кои се хиперактивни
Нормално е малите деца да бидат хиперактивни, постојано да се во движење, да истражуваат, да се немирни. Во рамките на нормалниот развој моторичката активност се зголемува до третата година од животот, после која активноста се намалува.
Хиперактивноста понекогаш се дијагностицира и кај деца помлади од 4 – 5 години. Тие веќе во периодот на доење се необично активни: многу плачат до доцна навечер бараат да јадат, имаат потешкотии во спиењето, често се будат, тешко е да се смират и утешат. Во подоцнежниот период тие деца постојано се во движење, не можат мирно да седат, фаќаат се околу себе, постојано нешто прашуваат, нивното внимание е непримерно за таа возраст, сами потешко си играат. Поради постојано присутниот немир хиперактивните деца во овој период се во поголема опасност од повреди. Иако многу често рано проодуваат, често пати се повеќе неспретни од другите деца, многу често паѓаат, лошо ги планираат и предвидуваат последиците од своите активности.
Кај хиперактивните деца понекогаш не се појавува страв од одвојување и тие се најчесто некритични во приоѓањето со непознати лица. Поради потешкотиите во предвидувањето на последиците на однесување, таквите деца се често премногу храбри и издржуваат во ситуации кои најчесто ги плашат останатите деца.
Во предучилишниот и училишниот период хиперактивните деца се изразено нестрпливи, никогаш не се на своето место, не ја слушаат „тетката“ или наставникот, зборуваат додека останатите деца работат во тишина. Често пати ја прекинуваат работата во група, влегуваат во збор и пречат на останатите во извршување на задачите или активностите.
Хиперактивните деца имаат потешкотии во организација, често забораваат да ги донесат книгите, приборот, тетратките, ги губат своите работи.
Поради таквото однесување наставниците на хиперактивните деца гледаат како на недисциплинирани и лоши.Останатите деца на почеток ги гледаат како забавни и интересни, меѓутоа, кога хиперактивното дете реагира импулсивно, физички или вербално го напаѓа или повреди другото дете или му пречи во учењето, тестот или играта, врсниците почнуваат да го одбегнуваат.
Деца кои се импулсивни
Основната потешкотија кај сите деца со хиперактивност е намалената контрола на импулсот, адекватна и неадекватна. Децата со овој проблем доживуваат постојани потешкотии со импулсивноста, особено со контролата во реагирањето на сигналите, импулсите или настаните кои се неважни за сработување на тековните задачи…
Таа импулсивност, односно реагирање без размислување за можните последици од однесувањето предизвикува бројни проблеми кај хиперактивните деца и нивните родители.
Родителите се постојано во алармирана состојба како би ги спречиле несреќите и повредите на кои овие деца се изложени. Типичен пример за тоа е премин на улицата: родителите знаат дека ако нешто го одвлече вниманието на детето, тоа ќе зачекори на улицата без разлика на тоа дали постои опасност на улицата или не. И самиот дом може да биде опасност за хиперактивните деца: отворените прозорци, топлата печка, средствата за чистење, ножевите, достапните лекови во домот…
Во училишниот период и во адолесценцијата импулсивноста е голем проблем. Импулсивните деца лесно се убедуваат. Со желбата да бидат прифатени од нивните врсници, често прават работи на кои тие ги убедуваат. Таквото однесување знае да биде наивно, од ситни случки како лепење на гума за џвакање на столчето на наставничката до животно загрозувачки ситуации како што е качување на висока ограда или електричен столб. Импулсивното однесување може да биде мотивирано и од чиста љубопитност, на пр. детето да види што ќе се случи кога во супата ќе стави темпера.
Импулсивноста исто така, може да пречи и во социјалните односи на детето. Многу често импулсивните деца имаат потешкотии со создавање и одржување на пријателства. Влегувањето во збор, наметнувањето, зборувањето погрешни работи во погрешно време, тапкањето, гушкањето или допирањето на другите без причина за тоа, агресивното решавање на конфликти може да доведе до проблеми во односите со врсниците, па детето кое бара и има потреба од пријатели на крајот е отфрлено.
Деца кои имаат потешкотии со внимание и одржување на концентрација
Иако хиперактивните деца често се забележани поради импулсивноста и хиперактивноста, поради која отскокнуваат од групата на своите врсници, сериозните потешкотии кои ги доживуваат поради краткиот опсег на внимание исто така може да предизвика долгорочни последици. Поради проблемот со вниманието, овие деца многу тешко учат и можат да имаат потешкотии со академскиот успех, но и со усвојување на практични и моторички вештини (како што е возењето велосипед или пливање).Од истата причина, се појавуваат потешкотии и со учење на говорот, што може да се согледа во потешкотиите при вклучување во конверзација или групни активности.
Многу проблеми на хиперактивните деца кои се однесуваат на училишните и социјалните вештини, всушност се предизвикани поради неспособноста кај овие деца да ја задржат концентрацијата доволно долго како би можеле да го научат тоа што е потребно. Хиперактивните деца често имаат способност да ги научат потребните вештини, но потребна им е помош како би успеале да го задржат вниманието доволно долго за да го направат тоа.
Последиците од неспособноста да се концентрираат се согледуваат не само во подрачјето на образованието у успехот во училиште, туку и во доменот на нормалните, задоволувачки односи со членовите на семејството и пријателите.
Постои одреден број на деца, посебно девојчиња, кои не се изразено хиперактивни ниту импулсивни, но имаат сериозни потешкотии поради големиот дефицит на внимание и способност за концентрација. За таа група на деца можеме да кажеме дека имаат нарушување на вниманието без хиперактивност. Неретко тие деца остануваат неидентификувани, поради ненаметливоста на нивните пречки. Доколку бидат препознаени и адекватно третирани тие деца можат многу добро да напредуваат.
Хрватското здружение за дислексија, Загреб