Штипскиот војвода Ковачев ќе каже „Пет минути од деноноќието ѝ посветувам на маченицата Македонија, за да се соочам со мојата македонска свест и да се уверам дека не е ништо она што досега сум го сторил за нea. Ја сакам Македонија повеќе од сè друго на светот“.
Со овој цитат се обрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вчерашната Конференција на Унијата на млади сили.
-И сето ова ја опишува посветеноста но и големината кон делото кон кое ние се поклонуваме, а чие име на држава денес сакаат да ни го сменат. Не може да биде годината што изминува успешна, а кога знаеме дека посегнаа, за нас по најсветото, по името на нашата татковина и нашиот идентитет. И онака насилнички, со целосно газење на волјата на народот тргнаа да го менуваат. Најлажливо креваа димни завеси, правеа операции, се препелкаа во сопствената жива кал само да го намалат срамот. Ама срамот со промената стои, останува, не се трга таа лузна испишана во душата на секој Македонец. Боли затоа што името е во прашање, но и идентитетот, нашето минато, културно историско наследство и историја и образование. Но она што највеќе боли е тоа што во очи го лажат и понижуваат народот, додека ја кршат кичмата, додека го стегаат ременот, и го одземаат воздухот… И нема поганост, нема валкана работа која тие ја направија, а толку многу јасно не ја видовме во овој процес. Притисоци, скршени луге, измачувања и играње со човечки судбини, уценети пратеници, луѓе кои си го погазија достоинството, ја голтнаа честа и ја поклонија душата на нечестивите. И сето ова на грбот на граѓаните. Таквата трговија која ја правеа за обезбедување на мнозинството во Параламентот поради тоа што немаа мнозинство и поддршка од народот сакаа да ја засенат со милион пердуви, лажни теми за да се одвлече вниманието од овој погром што и го прават на Македонија. И еве сега, денес кога сите овие пердуви ги нема, кога легнува прашината, да ги прашам луѓето од власта свесни ли сте што направивте, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги прашува челниците во власта дали се свесни колку многу го разораа и поделија општеството.
-Колку само болка нанесовте на Македонецот? Му заривте нож во грбот. Му заривте нож во срцето! Го разочаравте. Спиевте ли мирно и спиете ли мирно со мирна совест? Колку само многу заглавивте во државата во нејзин безизлез? Нема потреба од глумење на лудило, и на најмалите им е јасно во каква опасна игра сте, а само за тие пусти функции и пари ја вовлековте државата и толку многу го дегенериравте општеството. Пердувите легнаа, но срамот остана за навек. Колку и номинации да се нудат за Нобелови награди, абре срамот со промената на името и идентитетот и уништувањето на државата со ниту една награда и со ниту една жолтица не се покрива. И еве гледам деновиве, го пуштија еден нивен коалиционен партнер и еден поранешен амбасадор кој иако сега ректор меѓу луѓето е познат по неформалните разговори дека повеќе му одело како трговец со дипломатски недвижности, и овие тргнале по регионот да го промовират Заев во кандидат за Нобелова награда. Значи спроведуваат операција со која сакаат да направат хуманизација на човек кој прави нехумани дела. Ова само ја потврдува пакоста која и ја прават на државата па тргнале Заев да го промовираат во миротворец. Не оди тоа така, на сила не бива, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.