Мозаик 29.12.2018 11:14

Децата недоволно ги знаат своите права и механизмите за нивна заштита

Децата недоволно ги знаат своите права и механизмите за нивна заштита

Децата недоволно ги знаат своите права, а уште помалку знаат кои се механизмите што ги штитат. Во училиштата е потребна сеопфатна едукација за содржината на Конвенцијата за правата на детето и за функционирањето на Народниот правобранител, како и литература за човековите права, со која училишните библиотеки се слабо опремени

Ова е заклучокот од Информацијата на Народниот правобранител на РМ по спроведените посети и едукација на децата во 67 училишта (39 основни и 28 средни) во Скопје, Тетово, Битола, Куманово, Кичево, Струмица и Штип и во околните населени места. Посетите биле реализирани од октомври до декември 2013 година, кога претставници од канцеларијата на омбудсманот разговарале со над 2.400 ученици од различна етничка припадност. Средбите биле без присуство на наставници со цел учениците слободно и отворено да ги искажат своите знаења и размислувања за правата на детето и согледувањата за степенот на нивното почитување во семејството, училиштето, во други установи и во средината во која живеат.

Децата недоволно ги знаат своите права и механизмите за нивна заштита
Заклучено е дека учениците од основните училишта слушнале за Конвенцијата за правото на детето, но нивните знаења за правата и механизмите за заштита на детските права се ограничени и не распознаваат што е право, а што обврска на детето. Во предметите во кои учат за човековите слободи и права недоволно е разработено прашањето за правата на детето, а материјалот за Народниот правобранител е апстрактен и тешко може да добијат јасна претстава за неговата улога како орган за заштита на правата на граѓаните. Средношколците повеќе знаеле за правата, но познавањата им се општи. И за нив важи дека имаат недоволни познавања за Конвенцијата и малкумина од нив го виделе или прочитале тој документ. Подобри познавања покажале учениците од училиштата во кои функционира детски правобранител кому тие, како што кажале, се чувствуваат слободно да му се обратат за совет или помош, најчесто за прашања поврзани со училиштето и за односот со наставниците.

– Разочарува констатацијата на децата дека иако го знаат ова право многу малку се посветува внимание на тоа што ќе го кажат. Најчесто за определено незадоволство учениците се обраќаат кај класниот раководител, педагогот и директорот, а многу малку кај претседателот на класот… Недоволното познавање на нивните права придонесува децата да не знаат дека некое право им е повредено или не се сигурни дали се работи за повреда. Во овој контекест учениците изјавуваат дека дури и да пријават нешто против некој наставник, не се преземаат мерки, односно може да имаат само дополнителни проблеми. Во неколку училишта (основни и средни) учениците го оправдуваа физичкото насилство или навредливото однесување на некои наставници, а на прашањето дали се информирани нивните родители за таквото однесување добиен е потврден одговор и образложение дека и родителите го оправдуваат таквото однесување на наставниците, како начин на подобрување на односот на детето кон учењето и дисциплината, стои во Информацијата на Народниот правобранител.

Мислења на децата за нивните права и обврски како ученици
Во разговорите учениците го спомнувале правото на образование, правото да го кажат своето мислење, правото на дружење и правото да живеат со родителите, а како обврски ги наведувале: да ги слушаат родителите, да одат на училиште, да бидат дисциплинирани и да ги почитуваат наставниците. Учениците од албанска, ромска и од турска етничка заедница најчесто го спомнувале правото на образование на мајчин јазик.

– Во однос на нивните права како ученици се изјаснија дека многу малку се практикува правото да учествуваат во донесување одлуки иако знаат дека имаат право да го кажат своето мислење. Во таа насока, особено во скопските училишта, децата пројавиле интерес да разговараат за екстерното тестирање, најавите за задолжително полагање математика како предмет, при што истакнаа незадоволство од тоа што никој не ги прашува нив при донесувањето на тие одлуки, иако тие ги чувствуваат последиците од новините во образовниот процес, што пак се одразува на нивниот просек, односно успех на крајот на годината. Учениците од средните училишта разговараа за содржината на учебниците од кои учат, несоодветниот стил на кој се напишани и сметаат дека тие треба да се сменат, затоа што се напишани како за студенти на факултет, а не за ученици во средно образование, стои во Информацијата на Народниот правобранител.

Министерството за образование и наука кон ваквите искажувања на учениците наведува дека реформите се имплементираат врз основа на истражување и компарирање на најдобрите практики и искуства во пошироки размери, притоа земајќи го секогаш предвид најдобриот интерес на децата, односно учениците.

– Го разбираме ставот на дел од учениците, но практично е невозможно секој ученик од околу 300.000 основци и средношколци да биде директно консултиран и да биде слушнат секој индивидуален став. Сепак, при спроведувањето на реформските процеси, како Министерство ги почитуваме препораките, сугестиите и забелешките на засегнатите групи, наставници, родители, ученици итн. коишто имаат добра намера и се реално издржливи. Би го споменале спроведувањето на екстерното тестирање во оваа учебна година, кога беа прифатени бројни сугестии и направени соодветни корекции, како во начинот на имплементирањето, преку креирање отворен базен со прашања, така и во однос на содржината на прашањата, за што најмногу од прифатените сугестии беа токму од ученици, велат од МОН во врска со искажувањата на учениците.

Според Информацијата на Народниот правобранител, децата имале правилни ставови, но без поголемо познавање на темите поврзани со ранливите категории (деца на улица и деца што не се впишани во матичната евиденција на родените, лица со посебни потреби) и за негативните појави во општеството (употреба на дрога и алкохол од страна на децата, трговијата со деца, загрозување на животната средина).

Во училиштата со мешан етнички состав посебно било разговарано за правото на заштита од дискриминација, за нејзините форми и како да побараат заштита во таков случај. Се разговарало за заштита на правата на помалите етнички заедници и негувањето на соживотот и толеранцијата и практикување разговор за надминување на недоразбирањата наместо насилство и физички пресметки помеѓу врсниците.

Препораки за подобрување на перцепцијата за правата на децата

– За да се препознае повреда на право и да се очекува пријава или реагирање од децата, па и од возрасните, треба да се има познавање за тоа кои права ги имаат децата, односно граѓаните на РМ. Децата треба да се оспособат со знаења и вештини да ги распознаваат правата и обврските, повредите на нивните права или нивна злоупотреба од кого било и поради која било причина и да имаат доволно сознанија за сите можни механизми домашни и меѓународни кои се надлежни да им обезбедат помош, заштита и грижа и да се здобијат со сознанија како и во која постапка можат да побараат остварување и заштита на нивните права, вели Васка Бајрамовска-Мустафа, заменик-народен правобранител.

Информацијата на Народниот правобранител препорачува активности со кои би се подобрила сегашната перцепција на децата за нивните права – учениците практично да се запознаат со правата, наставниот кадар да се едуцира како правилно да им ги претстави правата на децата (со осмилсување наставни и воннаставни содржини), училиштата да ја постават на својата веб-страница Конвенцијата за правата на детето, бидејќи во наставата се користат компјутери, во мултиетничките училиштата да се организираат активности со кои учениците ќе научат да ги прифаќаат различностите и да ги почитуваат правата на другите, со што би се надминале можни конфликти или несогласувања.

Се препорачува децата повеќе да читаат за оваа тема, библиотеките да се опремат со соодветна литература, и да го посетат Народниот правобранител, односно подрачните канцеларии, за да се запознаат непосредно со работата на тој орган за да научат дека во иднина може да му се обраќаат самоиницијативно.

Конвенција за правата на детето

Република Македонија во 1993 година ја ратификуваше Конвенцијата за правата на детето. Таа дава рамка за обезбедување минимални стандарди потребни за постигнување добросостојба на децата, кои државата е обврзана да ги почитува, т.е. да овозможи неопходни услови за остварување на правата на детето дефинирани во Конвенцијата.

Опстанокот и правилниот развој на детето претпоставува создавање услови за почитување и практикување на принципите за најдобар интерес на детето, недискриминација и учество на децата, а со тоа и почитување на децата како субјекти, односно како носители на права. Правата содржани во Конвенцијата се неопходни за целосен и хармоничен развој на детето и неговата личност, а познавањето на тие права значи дека детето може да препозне кога некое право се почитува, а кога не.

Според Конвенцијата за правата на детето, детето е човечко суштество кое нема навршено 18 години живот, ако врз основа на закон што се однесува на детето не е определено дека полнолетност се добива порано.

Зависно од возраста, децата може да бидат помалку способни да се заштитат од повредите на нивните права или да бидат во понеповолна положба за да ја побараат заштитата што им стои на располагање. Оттука е неопходно децата од најрана возраст да се запознаат со нивните права, да се оспособат да препознаваат кога некое право им се повредува и да се едуцираат каде може да се обратат за заштита на правата.