Министерството за здравство прогласи епидемија на морбили или мали сипаници на територија на градот Скопје поради 12 нови случаи, соопшти Министерот Венко Филипче при што информира дека шест од новите случаи се потврдени со соодветни анализи, а за останатите 6 анализите се очекуваат утре.
-Прогласена е епидемија на мали сипаници во Скопје и принудени сме од утре да донесеме привремена мерка – забрана за носење на деца кои не се вакцинирани во градинките. Од 15.000 невакцинирани деца под 14 годишна возраст со повиците за вакцинирање, само 310 се вакцинираа што е исклучително мала бројка, изјави Филипче.
Осум од заразените се хоспитализирани на инфективна клиника и сите се со компликации со бронхопневмонија. Двајца се со потешка клиничка слика. Меѓу заболените има 8-месечно бебе и деца на возраст од 3,5 и 4 години. Има и еден возрасен на 31-годишна возраст.
Морбилите се сметаат за тешко заболување, може да предизвикаат тешко воспаление на белите дробови и менингитис.