За жал, секоја врска не завршува со среќен крај. Понекогаш раскинувањето е неминовно, но тоа што е потешко од ставањето крај на една врска е обидот да сфатиме зошто истата не успеала.
Секој кој доживеал раскинување веројатно од пријател добивал совети од типот „Престани да мислиш на него, излези и забавувај се“ и слично. Меѓутоа, неизбежно е по раскинувањето да размислувате за поранешниот партнер, кој подолг временски период бил дел од вашиот живот.
Психологот Шерон Дрејпер вели дека советот „престани да мислиш на него/неа“ всушност не е толку здрав.
„Размислувајте за срцето како за мускул. Кога некој мускул ќе го истегнете или повредите, телото ви кажува дека сте повредени и дека е потребно некое време раната да зацели. И тоа што мислите на поранешниот партнер е иста работа – вашето срце се обидува да рационализира што се случило и да ви помогне од тоа да научите лекција“, вели Дрејпер.
Таа додава дека после раскинувањето не треба да се лутиме и да бидеме бесни, туку да се заблагодариме на поранешниот партнер за можноста да размислиме што не било во ред и што било добро. Кога ќе сфатиме зошто претходната врска не успеала, знаеме што да бараме и кон што да тежнееме во следната врска.
„Размислувањето за бившиот не значи жалење по минатото туку градење на иднината, со план за тоа што го сакате и за тој кого го сакате. Вашиот бивш партнер ви дал љубов и ви овозможил нешто во што сте уживале, инаку не би сте биле со него во врска. Важно е да му заблагодарите за тоа. Сепак, вашата цел е да бидете доволно зрели за да сфатите како тоа влијаело на вас и што всушност вие сакате“, објаснува психологот.
Многумина мислат дека размислувањето за бившиот не помага во преболувањето, но психологијата вели дека тоа е важно ако сакате да најдете нов партнер.
„Ако не сфатите што било погрешно во врската, кои грешки сте ги направиле, тогаш истото ќе го повторите и во новата врска и во секоја идна врска. Затоа, престанете да барате магично решение за преболување и размислете што ќе ви помогне повторно да се вљубите“, вели Дрејпер.