Од март следната година граѓаните ќе можат сами да бираат од која фирма ќе купуваат електрична енергија. Откако во септември на тендер ќе биде избрана фирмата која ќе ги снабдува граѓаните со струја кои нема да сакаат да ја купат на слободниот пазар, ќе започне постапката за целосна либерализација. 26 – те компании кои имаат лиценца за снабдување со струја во земјава, за девет месеци од донесување на Законот за енергетика треба да понудат пакет – понуди до домаќинствата.
„Во моментот кога ќе биде избран универзалниот снабдувач веќе ќе се создадат услови да можат и граѓаните да бидат на слободен пазар, е сега тука мислам дека тоа е девет месеци од влегување на законот во сила, што значи ако законот влезе деновиве во сила, девет месеци од тој датум веќе мора пазарот да биде отворен за сите“, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања во Владата.
Во однос на цената на струјата Анѓушев кажа дека никој со сигурност не може да каже дали во иднина ќе биде пониска, но тврди дека со либерализацијата на пазарот, цената на електричната енергија за граѓаните ќе биде поповолна бидејќи сами ќе одлучуваат од кој ќе купуваат.
„Сигурен сум и убеден сум и тоа го гарантирам дека со новиот Закон цената на електричната енергија секогаш ќе биде поповолна за граѓаните во споредба тоа што го нудеше постојниот Закон и постојниот механизам“, рече Анѓушев
Законот за енергетика предвидува целосна либерализација на пазарот на енергенси во земјава. Во рок од три месеци од донесување на законот треба да биде избран универзален снабдувач. Тој ќе има цени утврдени од Регулаторната комисија за енергетика. Останатите компании кои што имаат лиценца за снабдување со струја ќе им нудат пакети на граѓаните како кај мобилните оператори.