Од 30 мај до 1 јуни 2018 година, десетчлена бизнис делегација од Стопанската комора на Македонија ќе земе учество на тридневниот Бизнис форум: „ФРАНЦИЈА – БАЛКАН 2018“, што ќе се одржи во Белград, Република Србија. Овогодинешниот Бизнис форум се организира во соработка со „Business France“ и со поддршка на Амбасадата на Република Франција во Македонија, со цел продлабочување и интензивирање на досегашната соработка меѓу компаниите од Западен Балкан и Република Франција од областа на агроиндустријата, инфраструктурата, енергетиката, со фокус на обновливите извори на енергија, информатичките технологии и автомобилската индустрија.
Главниот фокус на овогодинешниот форум е претставување на можностите и финансиската поддршка коишто Европската унија преку Берлинскиот процес и заедничките фондови ги нуди на земјите од Западен Балкан за поттикнување на економската соработка, како и полесно пробивање и наоѓање партнери за соработка со земјите од Европската унија.
На Бизнис форумот, покрај експерти, менаџери на големи светски корпорации, претставници од владиниот сектор и јавни институции, учество ќе земат и сопственици на големи производствени компании од Франција, присутни во земјите од Западен Балкан, како и стопанственици од 12-те земји – партнери на овогодинешниот Бизнис форум: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Хрватска, Македонија, Грција, Косово, Молдавија, Црна Гора, Романија и Србија.
На денешната пленарна сесија на Бизнис форумот ќе се одржат панел дискусии на теми значителни за развојот на бизнис климата меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ. Експертите во своите области ќе одржат презентации на успешни бизнис приказни на француски компании на Балканот, а ќе се зборува и за финансиската помош и ресурси достапни за компаниите од регионот.
Во текот на утрешниот ден ќе бидат организирани 6 тркалезни маси со посебен акцент на агроиндустријата, автомобилската индустрија, инфраструктурата, енергетиката, информатичките технологии и дигитализацијата и можностите за инвестирање во земјите од Балканскиот регион.
Компаниите – учеснички на овогодинешниот Бизнис форум, во наредните три дена ќе имаат можност да остварат билатерални средби со потенцијални бизнис партнери од Франција, од земјите од Западен Балкан и од Кипар. На билатералните средби посебен акцент ќе биде ставен на наоѓањето потенцијални партнери во делот на: дистрибуција на француски технологии/продукти/услуги на домашните пазари; набавка на нова опрема и технологии од Франција за подобрување на домашните капацитети; наоѓање француски партнери за заедничко аплицирање на тендери; наоѓање француски партнери за инвестирање во зголемување и проширување на производствени капацитети на Балканот; наоѓање потенцијални партнери за заеднички настап на трети пазари и др.
Вкупната трговска размена на Република Македонија со Република Франција за периодот јануари – март 2018 година изнесува 50,3 милиони САД$, што претставува раст од скоро 67,7% во однос на истиот период во 2017 година. При тоа, остварен е извоз во вредност од 15,9 милиони САД $ со раст од 93,4%, додека увозното салдо изнесува 34,36 милиони САД $ со раст од 57,6% споредено со истиот период во 2017 година. Заклучно со март 2018 година, евидентиран е дефицит на македонска страна од 18,4 милиони САД$, зголемен за 35,3% во споредба со истиот период во 2017 година. Вкупната трговска размена на Република Македонија со земјите од Западен Балкан за 2017 година изнесува 1,41 милијарди САД $ и учествува со 10,50 % во вкупниот обем на размената. Извозот на Република Македонија кон земјите од Западен Балкан изнесува вкупно 666,1 милиони САД $ или вкупно учество од 11,75 %. Увозот на Република Македонија од земјите на Западен Балкан изнесува 140,45 милиони САД долари или 9,6%. Во вкупната трговска размена со земјите од Западен Балкан, Република Македонија бележи дефицит од 74,3 милиони САД $ кој се должи главно на дефицитот во трговската размена со Р. Србија од 304,8 милиони САД $. Со останатите земји од Западен Балкан, Република Македонија бележи константен суфицит. Вкупниот дефицит во трговската размена на Република Македонија со земјите од Западен Балкан изнесува 3,63 % од вкупниот трговски дефицит на Република Македонија со светот.