Турските власти денеска наредија апсење на 1.112 лица осомничени за врски со имамот Фетулах Ѓулен, кого Анкара го обвини за обидот за воен удар во 2016 година.
Како што објави турската агенција Анадолија, налози за апсење се издадени како дел од истрагата за наводните измами на тест од 2010 година, што им овозможило на полицајци да станат заменици на полициски инспектори.
Обвинителството тврди дека прашањата пред тестот им биле поделени на следбениците на Ѓулен, кој сега живее во САД.
Ова е една од најголемите операции против мрежата на Ѓулен од неуспешниот воен удар, пренесе АП.
Полицијата започна истовремени операции во главниот град Анкара и уште 75 провинции.
Од неуспешниот воен удар се уапсени околу 77.000 лица, додека 130.000 се отпуштени од работа.
Ѓулен негира дека имал каква било врска со обидот за воен удар.