Актуелно 07.03.2019 11:45

ВМРО-ДПМНЕ: Парите од буџетот се трошат, а нема ниту проекти, ниту нови училишта, патишта, болници детски градинки

ВМРО-ДПМНЕ: Парите од буџетот се трошат, а нема ниту проекти, ниту нови училишта, патишта, болници детски градинки

За штетните економски политики на оваа власт доволно говори фактот дека Македонија минатата година ја заврши со најслаб раст на БДП во Европа и во регионот. Граѓаните чиј стандард опаѓа најдобро го чувствуваат по својот грб и по својот џеб неработењето на оваа власт, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Над 500 илјади граѓани живеат во сиромаштија, а долгот за само две години е зголемен за над 500 милиони евра. Јавниот долг ја помина психолошката бариера од 5 милијарди евра и е над 50% од БДП. Минатата година ја завршивме со срамна реализација на капитални инвестиции од 50%, а за првиот месец од 2019 има катастрофална реализација од само 1,09% на капитални инвестиции. Тоа значи дека парите од буџетот се трошат, а нема ниту проекти, ниту нови училишта, патишта, болници детски градинки и слично. Патем нема ниту нови фабрики и странки инвестиции иако Заев ветуваше дека во Македонија само што не пристигнале Гугл, Фејсбук и Фолксваген, истакнуваат во партиската реакција.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат:

„Тоа што е единствена светла точка во економијата на Македонија се странските фабрики кои се отворија во ТИРЗ-овите во време на владата на ВМРО-ДПМНЕ и кои денес СДСМ ги бележи и за индустриско производство и за извоз, а додека беше во опозиција ги напаѓаше и клеветеше. Ова е целото лицемерие на СДСМ на дело“.