Правни експерти не веруваат дека ќе „преживеат“ пресудите што првостепениот суд денеска им ги изрече на обвинетите за изборни нерегуларности во случајот „Титаник 2“ – Сашо Мијалков, Бедредин Ибраими, Мендух Тачи, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска, објавува „Дојче Веле“.
Како причина за тоа правните експери го посочуваат Начелното правно мислење што го донесе Врховниот суд на 30-ти јануари годинава, според кое, по истекот на законскиот рок кој важи до 30-ти јуни 2017 година, СЈО веќе не може да се смета за овластен тужител и да поднесува обвиненија. Одбраната на обвинетите денеска порача дека Судот треба да донесе ослободителна пресуда, повикувајќи се токму на правното мислење на Врховниот суд, односно дека обвинението е поднесено неовластено и по истекот на периодот од 18 месеци.
Кула на проблематични темели
Иако со одредба во предлог-законот за јавно обвинителство е предвидено СЈО да ги спроведува и обвиненијата покренати по 30 јуни 2017 година, тоа во практика нема да му ја олесни работата на Обвинителството. Законот не е донесен, но и кога би бил, според адвокатот Драган Малиновски, тој не може да има ретроактивно дејство. Некои од правните експерти велат дека ретроактивноста не е пречка кога станува збор за процесна материја, но Малиновски е дециден: „Закон за јавно обвинителство не е процесен закон“.
„Судот е на тест. Сите се свесни дека е изминат рокот за обвиненија по 30 -ти јуни 2017 година, а се бара судот да размислува политички. Со вонредно преиспитување, тие пресуди на крајот ќе завршат пред Врховниот суд, чие Начелно правно мислење е обврзувачко за кривичните совети на овој суд. Да потсетам дека токму со уважување на жалбите за притвор на обвинетите во предметот ‘Империја’, Врховниот суд веќе го материјализираше, го имплементираше тоа Начелно правно мислење. Затоа, се сомневам дека овие пресуди ќе опстојат. На проблематични темели не се гради кула“, оценува Малиновски.
Истите аргументи ги посочува и судијата и професор по казнено право, Лазар Нанев.
„Не сум сигурен дека овие пресуди ќе опстојат со оглед на донесеното правно мислење на Врховниот суд, а во крајна инстанца пред овој суд завршува приказната“, вели Нанев.
Според него, во моментов функционира правен систем со проблематична правна сигурност во примената на домашното законодавство, и заради квалитетот на законите, и заради други проблеми, од кои дел ќе се рефлектираат и во наредниот период, особено со балансираните и амортизирани ставови во новото законско решение за СЈО.
Целата анализа на „Дојче Веле“ можете да ја прочитата ТУКА.