Економија 19.04.2018 10:13

Од 15-ти мај ќе нема книжни 10 и 50 денари

Од 15-ти мај ќе нема книжни 10 и 50 денари

 

Народната банка на Република Македонија првпат воведува полимерни банкноти. Банкнотите изработени од полимер, со апоенска вредност од 10 и 50 денари, на 15 мај годинава влегуваат во оптек.

Од Народната банка објаснуваат дека причината зошто е одбран полимерот е затоа што не се оштетува лесно, што не е случај и со хартијата, па затоа полимерните банкноти имаат многу подолг животен век од хартиените. Анализите покажуваат дека животниот век на банкнотите изработени од полимер е подолг 2,5-3 пати, а во некои случаи и 4 пати од оној на банкнотите изработени од хартијата во чија основа се памучни влакна.

Полимерните банкноти не може лесно да се скинат при секојдневна употреба ниту, пак, може лесно да се оштетат при допир со вода, а се и неколкукратно поотпорни на влага во споредба со хартиените. Се очекува и потребата од нови изданија со иста апоенска вредност да биде многу помала, што значи заштеда и на ресурси и на средства.

Изработувањето банкноти од многу тенка флексибилна пластична фолија овозможува нивниот дизајн да содржи безбедносни карактеристики и заштитни знаци кои не може масовно да се репродуцираат со употреба на воспоставените техники за фалсификување банкноти. Истражувањата потврдуваат дека банкнотите изработени од полимер се поеколошки од оние што се изработени од хартија.

Полимерот овозможува на банкнотите да има втиснати ознаки во вид на издигнати точки, кои се корисни за распознавање на апоените од страна на лицата со оштетен вид. Со употреба на полимерни банкноти се започнува во 1988 година, и тоа во Австралија. Денес, полимерни банкноти се употребуваат во над 20 држави, меѓу кои, покрај Австралија, се и Канада, Велика Британија, Нов Зеланд, Малдиви, Брунеи, Романија итн.

Од 15 мај годинава Република Македонија ќе биде на мапата на државите чија централна банка има започнато процес на полимеризација на банкнотите на националната валута.