Се очекува „Google“ да биде погодена од втора антимонополска казна од Европската унија (ЕУ) во средината на јули.
Таа е поврзана со истрагата на Европската комисија, според која компанијата ја искористила доминантната позиција на мобилниот оперативен систем „Android“, за да ги истурка своите конкуренти од пазарот, велат тројца извори на „Ројтерс“, кои посакале анонимност.
Европската комисија (ЕК), која од 2015-та година го истражува случајот, вклучувајќи ја единицата на „Alphabet“, може да ја објави одлуката во неделата од 9-ти јули, иако распоредот може да биде променет.
Казната на ЕУ може да ги надмине рекордните 2,4 милијарди евра, глоба која беше наметната врз „Google“ во минатата година за тоа дека ја фаворизира својата услуга за шопинг, дополнуваат изворите.
ЕК ќе и посочи на „Google“ да престане со своите антиконкуренти практики, како што се лиценцираните зделки кои им пречат на производителите на смартфони да промовираат алтернативи на апликациите, како „Google Search“ и „Maps“.
Случајот со „Android“ е најважниот од трите за „Google“, бидејќи има огромен потенцијал за раст.
Сепак, промените кои ги бара ЕУ може да имаат мало влијание врз „Google“ за нејзината пазарна моќ.
Од ЕК одбија да коментираат. „Google“ пак се насочува кон постот на својот блог од 2016-та година од нејзиниот правен советник Кент Вокер во кој компанијата ги негира сите обвиненија на ЕУ.
Неодамна „Google“ побара сослушување зад затворени врати, во рамките на кое ќе ја претстави својата гледна точка на претставниците на ЕК и на националните агенции, грижат за конкуренцијата. Компанијата го посака тоа, откако разбра дека има нови информации и докази кои регулаторот планира да ги користи против неа, коментираат други извори запознаени со случајот.
Сепак, барањето на компанијата беше одбиено.
Третата истрага, при која во 2016-та година „Google“ беше обвинета дека ги блокира конкурентите на својот рекламен пребарувач „AdSense“, најверојатно ќе се одолговлечи до крајот на годината и дури подоцна, велат изворите. Од почетокот на истрагата, компанијата го запре своето наводно штетно однесување.