Имаме неправда на секој чекор. Имаме лажни, неостварени ветувања, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за ТВ Стар.
Тој говореше за намалувањето на просечната плата во Македонија, споредувајќи дека во сите останати земји платите растат, само во земјава се помали.
Образложи и дел од состојбите во Македонија, каде потенцира дека неправди има на секој чекор.
-Ги нема оние 100.000 денари плата за докторите. Напротив, денеска гледаме како нашите доктори ги полнат клиниките во Европа, Канада, Америка, Австралија. Прочитав една статија, како може кога се има јасна методологија, план, да се зголемат платите на медицинскиот персонал. Во Романија матичните лекари земаат плата од 1860 до 1920 евра месечно. Веќе средниот медицински персонал е преку 700 евра плата. Значи кога се сака, се може кога се има јасен план. Ги нема оние реновирани студентски домови, ги нема реформираните студентски програми, реновирани болници, амбуланти. Напротив, гледаме министерот за здравство се расфрла со нивна приватизација и продажба на истите, истакна Мицкоски.
Тој праша и каде се 600-тините километри автопат кој СДСМ го ветуваше од опозиција.
-Ги нема оние инвестиции во енергетиката. Буквално имаме неправда на секој чекор, порача тој.