Актуелно 07.08.2019 13:14

Државјанството во Македонија се сведе на коси црти

Државјанството во Македонија се сведе на коси црти

Од вчера во јавноста излезе веста дека во изводите од матичните книги за родени кои ги добиваат граѓаните деновиве не го пишува државјанството. Имено во графата за државјанство, наместо тоа да биде наведено, има коси црти.

Државјанството беше предмет на спогодба во договорот со Грција, каде се споменува како ќе биде дефинирано тоа во патните исправи.

„Државјанството на Втората страна ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи“, пишува во членот 1, став 3 од Преспанскиот договор.

Втора вест која вчера ја дозна јавноста е дека во Битола веќе со недели не се издаваат изводи од Матичната книга на родени.

Ваквата информација дека нема изводи ја потврдија и вработените во Подрачното одделение во Битола. Според надлежните, причината зошто нема изводи е бидејќи наводно доцнел тендерот за печатење на изводи под името Република Северна Македонија!? Засега никој од вработените не знае кога ќе пристигнат изводите во Битола и немоќно креваат раце.

Околу дообјаснувањето на содржината на Преспанскиот договор, Зоран Заев на 12.06.2018 на прес конференција посочи дека националноста останува иста нема да се менува, но сепак се смени.

Премиерот Заев на прес-конференција во Владата со сите министри информираше дека е постигнато достоинствено решение за името – Република Северна Македонија со превод на сите јазици, за севкупна употреба, кое ќе се прецизира со амандман во Уставот.

– Националноста е македонска/ граѓани на Република Северна Македонија. Со решението го јакнеме идентитетот македонски. Македонскиот јазик и народ ќе бидат заштитени и зајакнати еднаш и засекогаш. Нема веќе ФИРОМ, нема веќе договори во кои се избегнува македонскиот јазик. Свои сме на своето и конечно тоа е признато од сите наши соседи. Ќе се зајакне културниот идентитет, нашата придобивка е огромна, ветува стабилна и проперитетна иднина на нашите граѓани – рече Заев.

Тој додаде дека конечно ќе бидеме признаени од Грција и од меѓународната заедница.

– Етничкиот и културен идентитет е заштитен. Зајакнат идентитет и гаранција за безбедност и просперитет – рече Заев.

Од сето што тогаш го рече премиерот го потврдуваа и неговите функционери од владата но излезе дека е лага, сепак граѓаните на Република Македонија сега за државјанство добија коси црти.