Универзитетскиот професор Изет Зеќири преку статус на социјална мрежа Фејсбук го коментираше ребалансот на буџетот за 2019-та година кој вчера го одобри Владата.
Тој вели дека министрите не успеале во реализирањето на капиталните инвестиции во седум месеци. Според него, како резултат на неисполнување на капиталните инвестиции, Владата ги намалува капиталните инвестиции за 50 милиони евра со ребаланс и буџет од 442 милиони евра на 392 милиони евра капитални инвестиции.
Еве го целосниот статус на професорот Зеќири:
„Ребаланс на буџетот за 2019 година НЕ УСПЕВААТ МИНИСТЕРИТЕ ВО КАПИТАЛНИТЕ ИНВЕСТИЦИИ, 24.5% ЗА 7 МЕСЕЦИ. Како резултат на неисполнување на капиталните инвестиции, Владата ги намалува капиталните инвестиции за 50 милиони евра со ребаланс и буџет од 442 милиони евра на 392 милиони евра капитални инвестиции. Владата и клучните министри на оваа влада исто така не успеваат да ги реализираат капиталните инвестиции и оваа година. Во 2019-та година се планира да се реализираат 442 милиони евра, додека динамиката на спроведување е депресивна, тие за седум месеци реализираа само 103 милиони евра, или вкупно 24,50%. Доколку продолжи со оваа динамика, таа ќе реализира капитални инвестиции како лани, само 31%, што ќе претставува неуспех на актуелниот владин економски тим. Парите за многу капитални проекти се намалени, вклучително и парите за капиталните инвестиции во универзитетот „Мајка Тереза“ две години по ред“.