Актуелно 10.10.2019 13:02

Николоски: Решенијата за проблемите на граѓаните ќе бидат дел од нашата предизборна програма

Николоски: Решенијата за проблемите на граѓаните ќе бидат дел од нашата предизборна програма

Порпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во својата најнова колумна вели дека потребни се брзи предвремени избори по кои ќе дојде способна влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ која ќе може да ги решава проблемите.

Тој пишува дека токму поради тие причини деновиве тргнале на терен да слушнат што очекува и сака народот.

-Првпат во историјата на Македонија правиме интерактивна програма, во која пред сè ќе бидат ставени барањата и проектите кои народот ќе ги побара од нас на овие средби. ВМРО-ДПМНЕ сака да дознае со какви проблеми се соочува народот, целта е да ги дознаеме проблемите со кои се соочуваат граѓаните, нивните семејства, по улиците, во секое село, во секој град низ цела Македонија. Разговорите за „Обнова на Македонија“ имаат цел да ги погледнеме граѓаните во очи и да дознаеме со какви маки се соочуваат и да ветиме дека заедно ќе се бориме за проблемите да исчезнат или да се намалат. Секој еден од нас да се приклучи и да помогне Македонија да се исправи пред предизвиците, да започне да се развива, пишува Николоски.

Тим од експерти од ВМРО-ДПМНЕ ќе понудат решенија на проблемите кои ќе ги детектираме, а тие решенија ќе бидат дел од нашата предизборна програма која ќе биде понудена на следните предвремени парламентарни избори.

-За секој проблем ќе имаме одговор. Ќе го посетиме секое населено место во Македонија за да се сретнеме со граѓаните, да ги слушнеме нивните проблеми и заедно да креираме решенија. Разговараме со граѓаните за сите нивни предлози и идеи за новата програма. Македонија треба да е економски силна држава, граѓаните сакаат економски стабилна држава, подобар животен стандард, подобро образование, достапно здравство, нови работни места, нови инвестиции, нови училишта, нови инфраструктурни проекти, зголемување на плати, зголемување на пензии. Младите сакаат нови и повисоки стипендии, помали даноци, стартап-проекти, поддршка за млади брачни парови, даночни олеснувања, сакаат сигурна иднина. Младите ја гледаат Македонија како дигитализирана и напредна земја. Потребна е дигитализација, модернизација на државата. Невработеноста ги присилува младите да се иселуваат, потребни се нови работни места, нови проекти за млади. Пред сè, треба да направиме максимум да останат тука дома и да си ја видат среќата тука.
Во оваа констелација кога не гледаме одговор на овие клучни предизвици секое затскривање на владата на Заев зад крупни меѓународни процеси кои се стратегиски за Македонија е само нивна злоупотреба и нечесен однос. Спроти самитот на лидери на Европската Унија конечно се надевам дека Македонија ќе добие датум за да отпочне преговори за членство. Тоа ќе е добро за сите. Но, за жал, морам да кажам дека најдоброто што може да го очекуваме е услови кои треба да се реализираат па дури после тоа да се преговара, т.н. датум за датум. Тие услови ќе бидат сè што оваа влада не направи – борба со корупција, одржлив систем на владеење на правото, подобрувања во економијата и политичка инклузивност и дијалог. Тие услови ќе се најдобар доказ зашто мора да има брзи предвремени избори. Да имаше капацитет оваа влада сето тоа да го испорача, ќе го испорачаше овие три години. Потребна е нова стручна и посветена влада која ќе одговори на предизвиците и ќе ја извади државата на прав пат, пишува во најновата колумна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.