Собранието ја констатираше т.е. потврди оставката на Зоран Заев, поднесена по договорот на политичките партии во пресрет на предвремените парламентарни избори на 12 април. Се очекува до полноќ Законодавниот дом да ја изгласа техничката Влада, која ќе ја предводи „техничкиот“ Оливер Спасовски и која од утре, па во следните сто дена треба да ги организира изборите.
Заев, од непознати причини, не собра сила и не ја образложи оставката пред пратениците, но во документот доставен до Парламентот наведува дека ја поднесува по договорот на лидерите на партиите за избори на 12 април.
Талат Џафери претпладнево соопшти дека оставката на Заев ја доставил до Стево Пендаровски, кој треба да му го врачи мандатот на Спасовски. Тој, пак, до Собранието треба да достави состав на новата техничка Влада и програма за работа.