22 државни институции во моментов имаат распишано тендери за услуги за привремени вработувања. Симптоматично е што овие огласи се актуелни во пресрет на парламентарните избори кои ќе се одржат на 12-ти април.
Меѓу институциите се Министерството за финансии за потребите на управата за јавни приходи, Општините: Бутел, Гази Баба, Карпош, Ѓорче Петров, Крива Паланка, Босилово и Јегуновце потоа Јавното претпријатие Улици и Патишта како и Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот.



Општина Бутел ќе издвои 23 милиони и 800 илјади денари, пари наменети за привремени вработувања во општината. Вкупната сума која што ќе ја одвои општината е 28 милиони денари со вклучено ДДВ или околу 475 илјади евра.

Општина Гази Баба пак ќе издвои 12 милиони и 711 илјади денари без ДДВ за привремени вработувања, оносно со ДДВ нешто над 240 илјади евра.

Стаменковска: Последните месеци се вработени 5800 лица во јавната администрација
Моите последни податоци се дека Агенцијата за администрација за последните два месеца има вработено 986 лица, додека па Агенцијата за вработување 4804 лица. Оваа бројка излегува некаде околу 5800 лица, вели дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација Невенка Стаменковска Стојковски во интервју дадено за порталот Макфакс.
Стаменковскa Стојковски посочи дека голем број од вработувањата се прават со големи грешки се со цел што побрзо да се завршат огласите и да се вработат, потенцирајќи дека целта како дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација е токму тоа да се детектираат сите незаконски вработувања и пропусти на процедурите се со цел нивно спротивставување.
Она што го гледаме и начинот на кој што се прибавуваат документите кои што се потребни за да се аплицира на оглас, се гледа дека се прават многу грешки само за да се завршат што побрзо огласите и да се вработат што побрзо. Нашата цел е да ги детектираме сите пропусти кои што се направени во процедурите за вработување и да се спротивставиме на ваквите вработувања, рече Стаменковска Стојковски.
Во однос на распределбата на лица од една во друга институција дополнителниот заменик министер Стаменковска Стојковски нагласи дека има голем број на такви случаеви на незаконски начин.
Станува збор за поголем број на лица. Има и лица кои што се плашат да ги дадат своите документи за да не претрпат поголема штета во работењето. Последни случаеви што ги имам е каде што министерството за земјоделство ги распределува вработени од еден во друг град иако согласно законот не е дозволено односно не може да те распредели на друго работно место кое што е подалеку 50 километри од место на живеење. И сега тука е ситуацијата во еден случај е поинтересна бидејќи сите што се жалеле, прво тоа го прават во институцијата а потоа до Агенцијата за администрација. Но, она што е симптоматично што агенцијата за администрација мери место на живеење од клучката на Хиподром надвор од Скопје, до првата табла каде што лицето е распределено. Значи лицето не живее на автопат, туку живее во живеалиштето каде што е пријавен, објасни таа.
Антикорупциска ја потврдува Стаменковска: Предизборните вработувања се изборна корупција
Вработувањата во државни институции периодов, иако не се противзаконски, сепак оставаат простор за сомнеж дека со тоа може да се влијае на изборниот резултат, велат од Државната комисија за спречување корупција. Антикорупционерите внимателно ќе го следат однесувањето на сите чинители во општеството во предизборието и доколку оценат дека има најмал сомнеж за корупција ќе реагираат по сопствена иницијатива и по допрен глас од јавноста.
„Во периодот по утврдување на датумот за предвремени избори, а посебно во месец јануари, сме сведоци на сè помасовни објавувања на огласи за вработувања, што не е ограничено со законот, ниту со изборниот, ниту со нашиот закон, меѓутоа остава простор за сомневање дека се врши влијание врз гласачкото тело, дотолку повеќе што сами знаете дека некои конкурси не можат да си ја добијат својата завршница до изборите и на тој начин гласачкото тело, односно тие учесници во конкурсите се ставаат во некоја незавидна ситуација, во очекување. И тоа не е добро”, рече Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување корупција.