Лидерот на СДСМ Зоран Заев најави дека ќе биде поднесена кривична пријава против министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, поради масовното групирање што се случи на литијата во Струга.
-МВР однапред знаело дека се подготвува овој настан, беа претходница на случувањата, а тоа не смееше да се случи бидејќи има забрана за групирање. Се работи за принцип, санкциите се применуваат за да не се повторат прекршувањата, рече Заев.
Тој потсети дека СДСМ и премиерот Оливер Спасовски побарале оставка од Чулев, бидејќи тој бил единствено надлежен да ги санкционира случувањата со литијата во Струга.
-Државата не ги затвори верските објекти, туку воведе рестриктивни мерки да не смеат граѓаните да се групираат. Мерките мора да ги почитуваат сите, бидејќи никој не е над законот, законите важат за сите подеднакво, порача лидерот на СДСМ.
Ова барање на Заев е, во најмала рака, лицемерно. Екс-премиерот бара оставка од Чулев поради настан на кој присуствуваа православни верници, а тој лично бара да има избори, каде цел народ ќе биде свесно турнат во голем ризик.
Секојдневно расте бројот на заразени со коронавирус во Македонија, а се зголемува и бројот на жртви. Граѓаните, со право, сé уште живеат во страв.
Сведоци сме како растеше бројот на заразени и починати, а црната статистика покажува дека Македонија е држава со најголем број на жртви сметано на милион жители во регионот.
Но, на СДСМ им е поважно да има избори. Со најавата дека бараат изборите да се одржат во најкус можен рок, тие го разбудија гневот кај македонскиот народ кој им порача дека здравјето е поважно од нивните гласови.
На лидерот на СДСМ му се брза да има избори. Додека граѓаните водат битка за сопственото здравје, екс-премиерот води битка за нивните гласови.
Предвремените парламентарни избори беа закажани за 12-ти април годинава, но се случи пандемија на коронавирус. Секојдневно расте бројот на заразени и починати во Македонија, народот живее во страв, илјадници луѓе останаа без работа и средства за егзистенција, загрижени се граѓаните за сопственото здравје и за здравјето на своите најблиски. Но, единствената грижа на Заев во моментов е како да протурка избори во најкус можен рок.
Тоа е ставање во ризик на цел македонски народ. Брзи избори му требаат на Заев бидејќи е соочен со фактот дека народот ја губи довербата во него и дека го разбудил гневот кај граѓаните.
Ако Заев бара од Чулев оставка бидејќи не спречил верски настан, каква одговорност треба да понесе лидерот на СДСМ за свесно туркање на граѓаните да го ризикуваат своето здравје?