Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес заедно во придружба со носителот на изборна единица 5, Игор Дурловски ја посетија населбата Велгошти, Охридско при што остварија и средба со мештаните.
– Благодарам на сите денес што сме овде, за да го отпочнеме победоносниот кас кој што ќе заврши на 15-ти јули со една голема историска победа на Коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, наречена „Обнова за Македонија“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски додаде дека сака да се заблагодари на сите основачи, ветерани, на месниот комитет во Велгошти, на сите кои што изминативе години поминале време работејќи за Македонија, а помагајќи го ВМРО-ДПМНЕ.
– За претседател на ВМРО-ДПМНЕ, за мене лично секогаш претставува предизвик и чест да стојам пред вас, и да се заблагодарам, и да ви се обратам за сето она кое што е позади нас и за сето она кое што стои пред нас. Затоа капа доле, ви благодарам за се што направивте изминативе години, и за Македонија, и за ВМРО-ДПМНЕ, истакна Мицкоски.
Мицкоски посочи дека не сака да звучи надмено и сака да биде реален и побара рекорден резултат на овие предвремени парламентарни избори кои што ќе се случат за неколку недели од денес.