Вчера беа регистрирани 162 нови случаи на коронавирус во земјава. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 18138, а во моментов активни случаи се 2327. Најмногу активни и натаму се Скопје 775, следат Куманово – 184, Кочани – 161, Струмица – 156, Тетово – 149, Прилеп -124.
Во болниците од Ковид-19 се лекуваат 343 лица, од кои 41 се на кислородна поддршка, а еден на механичка вентилација.
Над 15 илјади оздравени пациенти од Ковид-19 има во државата од почетокот на пандемијата. На светско ниво оваа бројка е речиси 26 милиони.
Според извештајот на Институтот за јавно здравје, вчера беа регистрирани 109 оздравени пациенти. Министерот за здравство Венко Филипче вчера преку својот Фејсбук профил ги повика сите излекувани пациенти од Ковид-19 кои ги исполнуваат условите за дарување крвна плазма да се јават во Институтот за трансфузиона медицина.
Бројот на починати, пак, е 743, а само во преходното деноноќие битката со коронавирусот ја загубија четворица пациенти.
Филипче вчера соопшти дека направиле анализа на смртноста, и најави дека за многу кратко време, односно за неколку дена ќе биде завршена во Клиниката за инфеткивни болести, а веројатно во текот на следната недела и во ГОБ „8 Септември“. Првичниот увид, според него, укажува дека има сериозен процент на смртни случаи кои се случуваат во првите неколку дена после приемот, бидејќи пациентите доцна се јавуваат во болница. Најави дека со помош на Светска банка ќе набават најсовремени тестови за Ковид-19 кои даваат резултати за 15-на минути. Носењето маски по осум часа на училиште, според него, не претставува никаков ризик за децата, и тоа, како што рече, е една сосем безбедна препорака.
Досега во земјава се направени вкупно 190.127 тестирања.
Во светот бројот на заразени надмина 34 милиони, активни се 7,8 милиони, а починаа еден милион луѓе