Актуелно 02.10.2020 13:32

Николоски: Барам од Заев интервентен откуп и 10 милиони евра за лозарите, да го исполни она што го ветуваше во 2016 година

Николоски: Барам од Заев интервентен откуп и 10 милиони евра за лозарите, да го исполни она што го ветуваше во 2016 година

Во Собранието на Република Македонија денеска се одржа јавна расправа во врска со состојбата со откупот на грозјето, по иницијатива на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, чии заклучоци треба да придонесат кон изработка на предлог законски решенија во насока на помош на лозарите. На истата се обрати пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, побара интервентен откуп и 10 милиони евра за лозарите, како и тоа Заев да го исполни она што го ветуваше во 2016 година.

Николоски по средбата со лозарите вчеравечер им се заблагодари на забелешките кои ги добил од здруженијата на лозаро-производителите и вели дека жално и тажно е да се слушаат луѓето, затоа што ова што се случува во Валандовско, Тиквешко, во Гевгелиско и во Росоман навистина е трагедија и катастрофа.

-Јас и во кампањата зборував дека зелената мафија царува во Македонија и таа ја јаде маката на македонските земјоделци, а кога почнуваше кампањата некаде во јуни месец беше тешко да се гледа како се откупува еден килограм краставици за пет денари, уште потажно е да се гледа овие денови како се откупува еден килограм грозје за еден ипол или два денари – истакна Николоски.

Николовски објасни дека за да земјоделецот заработи 100-тина евра, треба да продаде меѓу три до четири ипол илјади килограми грозје, што е тажната вистина за македонските земјоделци.

Пратеникот Николовски го критикуваше премиерот Зоран Заев, затоа што како што вели требало да се појави на јавната расправа, затоа што тој својот мандат, како носител на листа го побарал во 4-тата изборна единица, како и тоа дека својот легитимитет го влече од луѓето кои се таму.

Без разлика што Зоран Заев изгуби и во Кавадарци, и во Неготино, и во Демир Капија, и во Росоман, и во Гевгелија фер е да најде решение за овие луѓе, затоа што премиерот ги претставува нив.

Николоски прочита три јавни изјави од Зоран Заев кој се однесуваат на откупот и грижата за земјоделците и тоа:

Изјава на Зоран Заев од 27 септември 2016 година во која што вели – „Владата да направи интеревентен откуп на овие 50-тина милиони килограми црно и бело грозје кој што се останати во Тиквешијата и Македонија да бидат откупени, се работи за интервенција од неповеќе од 10 милиони евра. Само на овој начин, може да им се помогне на лозарите. Ако падне уште една слана, дожд, родот ќе отиде на земјата. Ќе го изгубат тоа за кое работеле целата година и од што егзистираат. Ова е последна година во Република Македонија во која лозарите ќе останат незаштитени.После декември, државата директно ќе биде вклучена со интервентен откуп, во организација на пласманот на земјоделското производство, вклучително и на грозјето“.

Изјава на Зоран Заев на 28 ноември 2016 година – „Македонскиот земјоделец ќе биде достоинствен, а не како сега, најсиромашен на светот. Има глобална побаувачка на храна, недозволиво е ова шо се случува во Македонија. Овде сум да си го дадам зборот, да најавам светла иднина. Јас имам работено земјоделство, ова е последна реколта кога сте потценети и згазени. Државата ќе гарантира откуп на грозјето и на сите земјоделски производи. Почитувани лозари заврши времето на маката на губење на достоинството, честа и почитта. Следната есен државата преку новата влада ќе гарантира откуп на грозјето и ќе ја гарантираме цената на грозјето. Уште на пролет, помеѓу свети Трифун кога се зарежува грозјето до мај, ќе ја објавиме цената и на белото и на црното грозје да знаете однапред по која цена ќе ви биде платен родот. Државата однапред ќе го плати грозјето, а ние ќе си имаме работа со откупувачите“.

За споредба на осми септември оваа година Зоран Заев изјави – „Договоривме откупна цена на Вранецот од 11 денари, додека за Смедеревката од 9 денари“, но јас пред мене имам белешки дека Вранецот е еден ипол денар, а тој вети 11 денари, втората белешка е за Смедеревската која е два денари, а тој вети 9 денари – критикуваше Николоски на јавната расправа.

Николоски потенцираше дека она што тој го бара од оваа јавна расправа е Зоран Заев да го испочитува тоа што го ветил, пред лозарите во 2016 година, како што кажал да го исполни.

-Јавно кажаниот збор е тешка работа особено за носител на изборна единица во два наврати, ова го кажал за лозарите и за земјоделците го повикувам Зоран Заев истото да го реализира – повика Николоски.

Пратеникот Николоски исто така истакна дека тоа што го ветува Заев не може да го исполни, а ова е старо-нова Влада на лагата.

-Барам да се реализира она што Заев го вети во 2016-тата година, а тоа се гарантиран откуп, гарантирани цени, договори за лозарите, да се знае околу Св. Трифун кои се цените и за колку ќе се откупува и тоа е државата да направи интервентен откуп во ваква ситуација сега, затоа што ако во 2016 година ако 10 милиони евра за Зоран Заев не гледам како се проблем сега – побара Николоски.