Актуелно 09.11.2020 11:29

Трговската размена до октомври 9,4 милијарди евра, пад за 15 отсто

Трговската размена до октомври 9,4 милијарди евра, пад за 15 отсто

Вкупно 9 396 015 000 евра изнесува трговската размена на земјава во периодот јануари – септември 2020 година, соопшти Државниот завод за статистика.

Трговскиот дефицит е 1 282 935 000 евра, а покриеноста на увозот со извоз изнесува 76 отсто.

Вкупната вредност на извозот е 4 056 540 000 евра и бележи пад од 15,2 отсто во однос на истиот период лани, додека вредноста на увезената стока изнесува 5 339 475 000 евра, што е намалување за 13,2 процента.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и фероникелот. Во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари – септември 2020 година најмногу сме тргувале со Германија, Велика Британија, Србија, Кина и Грција.