Во Скопје, при преуредување на тротоар на Партизански одреди кај Карпош 4 беше пронајден саркофаг од античко време. Под изговор дека саркофагот тука го довлечкал некој нанос (нема ниту еден разумен доказ за тоа, а дури и да е така, како тоа наносот довлечкал само еден саркофаг, а не и други предмети), артефактот беше кренат, а наоѓалиштето затрупано и тоа под итно.
Пред неколку месеци, и во Љубљана, на улица Госпостветска, граданочалникот сакал да постави нови канализациски цевки. Ја раскопале улицата и… наишле на антички гробишта.
Гробишта како гробишта, што ќе ви се, можеле да ги затрупаат и да продолжат со канализацијата. Но, не, еве погледајте од фотографиите (патем, за наодот словенечките медиуми пишуваат со месеци, а јавноста се гордее, а не се срами од археолошките локалитети) што направиле.
Значи, што се прави во случај кога ќе наидете на некој наод? Согласно нашиот Закон за заштита на културно богатство, а ете согласно и словенскиот (впрочем, сите вакви закони во сите земји се исти или слични), местото се оградува, се прекинува со работите и додека не се испита што има под земјата, не се продолжува понатаму.
Љубљана е изградена на местото на стариот град Емона и тука минувал патот кон денешна Виена. Љубљанчани и Словенците знаат тоа да го ценат и да го чуваат своето богатство, кога ќе го откријат.
?
?