Како големиот војсководец ги избирал жените
Александар Македонски бил голем војсководец, но и романтичен херој, кого го опишувале како преубав маж со руса кадрава коса што јава на својот коњ Букефал во пресрет на нови битки и освојувачки авантури. Меѓутоа, тој имал голем успех и во љубовта. Имал три жени, многу конкубини, околу 300, но чувствувал наклоност и спрема мажи.
Според хроничарите на неговиот живот, Александар имал современи погледи за односот меѓу мажот и жената. Поточно жените ги сметал за рамноправен пол, без оглед на мислењето на неговиот учител Аристотел, за кој тие имале споредна улога.
За македонските аристократи сосема природни биле и врските со мажи, па така Александар имал двајца љубовници: Хевестион и Благој. Во страв дека поради тоа нема да има интерес за спротивниот пол и оти нема да има наследник, неговите родители за својот малолетен син ја изнајмиле убавата тесалиска куртизана Калискена. Меѓутоа таа кај Александар не предизвикала силни емоции и чувства.
Кампаспа – првата жена што го привлекла Александар Македонски
Кампаспа била омилената конкубина на Александар и првата жена што предизвикала негова голема наклонетост. Кога ја запознал бил 20-годишник, а таа му била љубовница две години. Ѝ се восхитувал на нејзината убавина, па го замолил својот пријател, уметникот Апелес, да ја наслика. Меѓутоа додека ја сликал тој се вљубил во неа, па кога Александар дознал за тоа му ја подарил убавата Кампаспа. Се смета дека токму таа била моделот што го инспирирал Апелес да ја наслика Венера.
Барсина – нова љубов на Македонски
Александар ја добил Барсина заедно со дворецот од персискиот цар Дариј, откако тој избегал по поразот во 333 година пред новата ера. Без оглед што била седум години постара од Алексндар, таа го освоила со својата убавина. Со неа го добил синот Херакле во 327 година пр. н.е., но тој не можел да му биде наследник, бидејќи Барсина била конкубина.
Кога Александар се оженил со Роксана, Барсина и Херакле се отселиле. Но по смртта на Македонски, Херакле како негов единствен син бил прогласен за наследник. Меѓутоа во 309 година пр. н.е., Барсина и нејзиниот син биле убиени.
Роксана – младата робинка
Роксана била бактриска кнегиња, заробеничка на Александар, како и сите жители на тврдината Скала Согдани. Македонците го извршиле утврдувањето во 327 година пред новата ера, Роксана тогаш имала 15, а Александар 29 години. Ја видел на раскошна гозба каде што младата девојка ја донел татко ѝ, заедно со други триесетина девојки за да го разонодат царот.
Александар можел да ја има која било девојка, но одлучил Роксана да му биде жена. Некои сметат дека го направил тоа од политички причини, за да ја смири локалната управа на Бактрија, со тоа што луѓето ќе видат дека зел жена од нивниот крај. Се верува дека таа била единствената жена што тој ја сакал. Народот не бил задоволен од неговиот избор, сметајќи дека таа не може да му роди наследник, бидејќи е само една од низата девојки што му служеле за забава. Без оглед на тоа, Роксана му родила син на Александар, но по неговата смрт и неа и детето ги убиле.
Статира – царевата втора жена
Статира, постарата ќерка на персискиот крал Дариј, се омажила за Александар во 324 година пред новата ера. На денот на венчавката имала 21 година, а Александар 32 години и овој брак е склучен од политички причини. Голем број историски извори тврдат дека Статира била негова формална сопруга, бидејќи тој не ја ни допрел. Можно е причина за тоа да е податокот дека таа веќе имала три деца и како жена не била веќе толку привлечна. Постојат легенди дека таа и Александар по свадбата веќе не се виделе. За Александар Македонски секогаш политичките интереси биле пред љубовта и страста. За жал, тоа не ја спасило Статира од трагичната судбина, бидејќи била жртва на љубомората на неговата прва жена Роксана.
Паристатида – третата жена на Македонски
Паристатида била ќерка на персискиот цар Аптаксерс Трети и трета жена на Александар, паралелно со Статира. За нејзината судбина нема многу докази. Познато е дека е убиена, најверојатно во 323 година пред новата ера, по барање на Роксана.
Фалестрис – жената што многу сакала да му подари дете на царот
Фалестрис била кралица на амазонките, која се појавила заедно со триста жени кога дознала дека Александар Македонски е во близина. Таа му признала на царот дека сака да му роди наследник и ветила дека ќе ја задржи ќерката, а синот ќе му го даде на Македонски. Дрскоста и страста на оваа жена го привлекле Александар и тој со неа останал 13 врели ноќи. Бидејќи во историјата не е познато дека тој имал син, најверојатно Фалестрис родила ќерка, која останала со мајка ѝ.
Клеофис – мајка на уште еден син на Александар Македонски
Клеофис била царица од Индија. Се обиделе да ѝ го одземат тронот, но таа го задржала, бидејќи го маѓепсала Александар Македонски. Престанале да ја почитуваат царицата Клеофис поради нејзиниот лесен морал, па дури и ја навредувале. Со Македонски добила син, што исто така го добил името Александар и тој подоцна владеел со Индија.
Нова Македонија