Актуелно 02.07.2018 11:50

Одржана средба за унапредување на соработката и комуникација меѓу централната банка и бизнис заедницата

Одржана средба за унапредување на соработката и комуникација меѓу централната банка и бизнис заедницата

Во организација на Стопанската комора на Македонија, се одржа заедничка средба на претставници на компаниите членки на Комората со гувернерката на Народната банка на Република Македонија, д-р Анита Ангеловска-Бежоска.

На средбата беа разгледани повеќе прашања, меѓу кои и тековниот макроекономски амбиент и состојбите во банкарскиот систем. Имајќи го предвид значењето на макроекономската и финансиската стабилност при носењето на деловните одлуки и планови на компаниите, посебен акцент беше ставен на разгледувањето на последните очекувања на Народната банка во овој поглед, а особено на  макроекономското сценарио за периодот 2018-2019 година. Во овој контекст, гувернерката на НБРМ даде детален осврт на клучните претпоставки за надворешното окружување, коешто е особено важно за мала и отворена економија како македонската. Притоа, беше потенцирано дека глобалната економија и понатаму закрепнува, но со понагласени ризици во контекст на сè поизразениот глобален трговски протекционизам.

Во понатамошниот тек на дискусијата се разгледуваа проекциите на Народната банка во однос на економската активност, инфлацијата, надворешната позиција на економијата и кредитната активност на домашниот банкарски систем. Гувернерката истакна дека и овие последни проекции посочуваат на здрави фундаменти на економијата, со потенцијал за раст, без притисоци врз инфлацијата и девизните резерви, коишто се во сигурната зона. Поддршка на економијата се очекува и од банкарскиот систем, којшто и натаму е стабилен, ликвиден и добро капитализиран. На средбата беа разгледани и најновите економски и финансиски показатели, при што беше заклучено дека тековите се главно во согласност со очекувањата, со исклучок на економската активност којашто е послаба заради инвестицискиот пад и ја покажува потребата од побрзо и посилно ревитализирање на циклусот инвестиции. Посебно внимание им беше посветено и на можните внатрешни и надворешни ризици во периодот што следува.

Во вториот дел на средбата, гувернерката на НБРМ водеше плодна дискусија и со присутните претставници на членките на Комората, при што одговори и на бројни прашања упатени од нивна страна. На средбата беше укажано дека ваквата дискусија и отворен дијалог со гувернерката на централната банка е од исклучителна важност за подобро запознавање на бизнис-заедницата со видувањата на НБРМ, коишто се клучни при одлучувањето на централната банка, што потоа се одразува и на целокупната економија.

Оваа средба беше одржана заради унапредување на јавно-приватниот дијалог. Во завршницата на средбата, гувернерката на НБРМ, д-р Анита Ангеловска-Бежоска и претседателот на Комората, г. Бранко Азески, заеднички нагласија дека ваквите средби ќе продолжат и во иднина и дека дополнително ќе се работи на унапредување на соработката и комуникација меѓу централната банка на Република Македонија и бизнис заедницата

Најнови вести