Економија 16.06.2023 11:11

На толку невработени, зошто увезуваме странски работници?

На толку невработени, зошто увезуваме странски работници?

Во полн ек е иницијативата за таканаречен „увоз“ на странски работници во земјава, директно поддржана и од Владата на Република Македонија.

Сопствениците на домашните фирми кубурат со работници, па токму затоа сите сили ги вперуваат кон тоа да изнајдат начин како да стигнат до работна сила, бидејќи, како што велат, во земјава има сѐ помалку работници.

Но, од друга страна, пак, статистиката кажува нешто сосема друго: во земјава во моментов има 8.483 слободни работни места и 154.145 невработени лица.

Вака гласат најновите податоци од Агенцијата за вработување, па не е тешко да се забележи дека бројките се сосема спротивни на секојдневните жалби на работодавачите, кои упорно инсистираат на олабавување на регулативата за увоз на работната сила.

Инаку, во градежниот сектор во Македонија веќе подолго време работат странци, особено Турци, а првите работници од Индија неодамна дојдоа дa работат на фарма во Свети Николе.

Сепак, статистиката на Агенцијата за вработување покажува и дека дури 46.557 невработени лица се водат како пасивни невработени, односно лица кои не бараат активно работа и кои само еднаш годишно се пријавуваат само за да им биде овозможено здравствено осигурување.

Па, ако се одземе 46.557 од вкупната бројка на невработени – 154.145, тогаш се добива исто така огромна бројка – 107.588 лица кои активно бараат работа, а не можат да ја најдат.

Оправдување за потребата од „увоз“ на странски работници може да биде и немањето статистика за тоа колку од активните баратели на работа се всушност присутни во земјава.

Како што брифираат од Агенцијата за вработување, потребно е да се направи евиденција со помош на граничните служби и да се заведат лицата коишто долго време се отсутни и кои влегуваат во земјава само повремено.

Мора да се признае дека прилично интересен дел од статистиката е тој со образованието на барателите на работа, а таму пишува дека дури 73.478 лица се без образование и се слабо конкурентни на пазарот на трудот.

Од друга страна, пак, активни баратели на работа се и 583 магистри и 18 доктори на науки.