Граѓаните лани за облекување во најпопуларните и најпрестижни бутици и продавници за брендирана роба потрошиле над 88 милиони евра. Тоа е агрегатниот приход на осумте најголеми увозници и продавачи на облека во специјализирани продавници
Најголем продавач на домашниот пазар лани е „Ваикики Ретаил МК“. Оваа турска компанија лани годината ја заврши со приход од продажба вреден 36,3 милиони евра. Оваа компанија во Македонија за работењето во 2022 година прокнижи загуба од 1,5 милиони евра. Од аспект на број на ангажирани вработени оваа фирма е гигант во оваа индустрија. За неа лани во Македонија работеле 416 лица.
„ИТХР Македонија“ е македонската филијала на реномираниот глобален продавач на облека „Зара“. По „Ваикики“ таа е најголем продавач на облека во Македонија. Лани ова друштво на домашниот пазар пласирало облека во вредност од 28,4 милиони евра. Профитот е три милиони евра и ова е најпрофитабилната компанија во конкуренцијата на продавачи на брендирана облека на нашиот пазар.
Скопското друштво „Магнетик“ кое оперира со бројни брендови од модната индустрија на македонскиот пазар. Приходот на друштвото лани изнесува 6,4 милиони евра и неговата добивка е 217.000 евра. Оваа компанија лани ангажирала 106 вработени.
МГ Фешн компанијата што управува со брендот „Фешн Груп“ лани оствари приходи од 4,4 милиони евра и оствари добивка од 520.00 евра. Во оваа конкуренција МГ Фешн е најуспешна компанија лани од аспект на учеството на профитот во вкупниот годишен приход.
ЦМ Делта е скопска компанија која обединува продажба на повеќе глобални брендови облека меѓу кои се : „Лакоста“, „Гант“, „Поло Ралф Лорен“, „Томи Хилфигер“, „Келвин Клајн“, ОБЦ Кидс“ и други. Лани ова друштво заврши со профит од 128.000 евра, а приходот на друштвото изнесувал 4 милиони евра.
Турскиот премиум производител на текстил Котон Магазаџилик лани има приход од 3,6 милиони евра, а годината ја завршил со добивка од 19.000 евра.
Претставникот на „Пјер Карден“ е скопската компанија Нени Компани. Ова друштво лани оствари приход од 3 милиони евра. Добивката за минатата година е пристојна и изнесува 275.000 евра.
„Том Тејлор“ македонска филијала на истоимениот американски моден бренд лани на нашиот пазар има приход од 2,2 милиони евра.Добивката е пристојна и во однос на приходот е на слично ниво како и кај Нени Компани“ и изнесува 184.000 евра.