Актуелно 11.07.2023 12:18

Подигаат брзи кредити на име на лице со попреченост од чија лична карта ги украле податоците, неговите родителите бесконечно се задолжуваат да ги враќаат и ја молат државата да ги најде измамниците

Подигаат брзи кредити на име на лице со попреченост од чија лична карта ги украле податоците, неговите родителите бесконечно се задолжуваат да ги враќаат и ја молат државата да ги најде измамниците

Н.И. од Скопје моли за помош пред МВР и другите надлежни органи да ги најдат лицата кои по кражба на личната карта на нејзиниот неподвижен син со церебрална парализа, земаат онлајн брзи кредити на негово име. Родителите на ова лице со посебни потреби за нецели две години имаат вратено повеќе пари од брзите кредити што ги подигаат непознати измамници со злоупотреба на личните податоци на нивниот син со попреченост. Ги враќаат веднаш, зашто каматите и останатите трошоци се огромни. А сета злоупотреба е со дозвола од државата.

Кредитите се 40.000, плус 70.000 денари, и родителите ги вратиле од заштедата за нивниот болен син, која била за по нивната смрт. Последниот кредит што го подигнале измамниците на негово име е 36.500 денари. Но, родителите велат сега можеби со камати е пораснат на 500.000 денари. Снемале пари и него не може да го вратат.

Дури и сега, до објавување на текстот, измамниците можеби подигнуваат нови кредити од финансиските друштва на име на лицето со попреченост. Таа пријавила во МВР уште пред две години дека нејзиниот тешко болен син е жртва на измама, но до денеска сторителот, или сторителите кои земаат брзи кредити на негово име, не се најдени. Не помага ни тоа што таа порано работела како инспекторка во МВР.

Поради тоа се обратила кај Народниот правобранител, од каде итно отвориле предмет и на 15 јуни испратиле допис како до Министерството за внатрешни работи, така и до Министерството за финансии, под чија контрола треба да бидат овие финансиски друштва за т. н. брзи кредити. Тие не се под надлежност на Народна банка.

Мајката кажува како упаднал во ваква невидена неволја синот со тешка попреченост, кој сега има 38 години. Пред две години тој на Фејсбук се запознал со непознати луѓе. Му рекле сликај ја личната карта и трансакциската сметка, за да ни направиш услуга, т. е. тетка од Америка на неговата сметка да им прати пари. Тој тоа и го направил.

„Тоа беше, всушност, кредит. Првиот кредит. Ние го однесовме синот во друштвото. Кога измамникот ги извадил парите, тој подигнал кредит на име на син ми. Не биле средства пратени од Америка“, вели таа.

Кредитот од 40.000 денари што го зел измамникот, веднаш го вратиле со нејзиниот сопруг, за да не порасне со каматите до небо.

„По еден месец доживуваме шок! Ни стигнува известување уште од три финансиски друштва дека ние треба да вратиме кредити на име на синот. Прво што направив, отидов во сите финансиски друштва за лично да им кажам на име на мојот син, со таа и таа лична карта, со тој матичен број, да не издаваат кредити! Лично ги молев на име Љ.И. да не даваат средства“, вели мајката.

Таа е под стрес, се пожали дека не може да дише додека го зборува ова. Во меѓувреме, синот ја изгубил личната карта, родителите му извадиле нова. Со тоа се понадевале дека на кредитите ќе им дојде крајот.

„Но, попусто. Штом ќе се впише во системот неговото име, и понатаму се појавува неговиот матичен број кај овие друштва за брзи кредити. Одам, му ги менувам името и презимето. Од друштвата ми објаснуваат: ‘Какво сакате име ставете, нам пак ни излегува името Љ.И. и неговиот матичен број. Ние ќе издаваме кредити. Додека му е важечка таа лична карта за која велите дека е изгубена, до ноември 2024 година, ние ќе даваме кредити. Ние немаме опција да видиме дека таа лична карта не е важечка“, кажува таа што ѝ велеле финансиските друштва кај што се молела да престанат на име на нејзиниот син да даваат кредити на измамници.

Незнаејќи што да прави, таа отишла кај адвокатка. Таа испратила известување до сите регистрирани финансиски друштва кај нас дека не смеат да издаваат кредити на таа неважечка лична карта на синот. Адвокатката ја извадила објавата од Службен весник за изгубена лична карта, па и тој доказ во прилог им го испратила на финансиските друштва.

„За недела дена, пак се издава нов кредит на име на синот, 36.500 денари. Не можеме да го вратиме. Страв ни е со сопругот да одиме да провериме колкава сума сега достигнал долгот, со оглед на високите камати. Ја потрошивме целата заштеда за Љупчо, која му беше за ‘утре’ кога ќе остане сам, да има кој да го избања“, апелира за помош мајката.

Додека го чека МВР за некакво известување дека барем е на трага на измамниците, таа открила како, всушност, се ‘подигаат’ тие брзи кредити на име на синот.

Таа кажува шокантен пример што сè оваа држава дозволува да се прави.

„Лицето што ја злоупотребува личната карта, односно туѓите лични податоци, се јавува на телефон или пишува мејл до финансиското друштво и кажува: ‘Ми треба толку илјади денари’. ‘Имате ли трансакциска сметка?’. ‘Не. Уплатете ги парите во таа и таа продавница за бела техника’. Измамникот оди во продавницата за бела техника, купува стока за илјада евра. Финансиското друштво ѝ ги префрла парите на продавницата, нема физички контакт со корисникот. Во овој пример, имаше и моторна пила од 42.000 денари меѓу нарачките. Стоката требаше да се однесе во Прилеп“, кажува таа.

Таа ги прашала поранешните колеги во МВР, каде што уште во 2021 го пријавила случајот, зошто кога продавницата или дистрибутерот ќе ја однесе пилата, полицијата не го открие и уапси измамникот?

На продавниците им кажувал(е): ‘Немам постојана адреса, ќе ве пречекам на игралиште во тоа и тоа село’.

„Јас не можев да дишам. Се јавив во Агенцијата за лични податоци. Ми рекоа дека тие заштитувале само познати идентитети“, вели Н.И.

Во МВР поднела три кривични пријави. Но, според нејзините сознанија, полицијата сè уште не може да ги пронајде измамниците, бидејќи во овие брзи кредити државата оставила за крајните корисници да може да не фигурира име.

Народниот правобранител бара веднаш МВР и останатите надлежни органи да го заштитат семејството од натамошна кражба со злоупотреба на личните податоци на нивниот син, да ги најдат сторителите, но и да извршат контрола во тие мали финансиски друштва кои даваат кредити по напишана е-пошта, без лично присуство на барателот. Со дописот, Омбудсманот бара од МВР, односно од Секторот за економски и компјутерски криминал, реакција од денот на поднесувањето на пријавите од мајката.

Народниот правобранител бара дали се откриени сторителите и дали и кога е известено надлежното Обвинителство? Иако рокот за да одговори бил 8 дена, до денеска нема одговор од МВР на дописот од Народниот правобранител за овој случај.

„Како може само со апликација по мејл овие финансиски друштва да одобруваат кредити? Како корисниците ги подигаат парите? Нели бараат трансакциска сметка на корисниците? Или можеби во кеш ги даваат, што е криминал?“, прашува Народниот правобранител.

На 15 јуни е испратен и дописот до Министерството за финансии, со барање да изврши контрола на овие финансиски друштва. Но, и од таму одговор – нема.