По неколку години свадбените прослави на големо се вратија во рестораните и хотелските хали. Пандемијата тоа не го дозволуваше две години но сега журката која се памти цел живот повторно може да се организира без никаков проблем. Денар подготви една анализа во однос на трошоците кои денеска ги имаат младоженците. Од ресторнаски услуги, невестински фустан и одело за младоженецот, услугите за снимање и фотографирање, шминка и останати козметички услуги, и најважното музиката. На сето ова цените се сериозно зголемени.
Оваа сезона на свадби цената на порциите во скопските ресторани се движи околу 1400 – 1500 денари. Пониско е многу тешко да се најде. Секако има доста угостителски објекти кои нудат и многу повисоки цени но тоа е и во однос на понудата и менито. Секогаш има поексклузивни варијанти, но просекот е околу 25 евра по човек, некоја просечна цена или некој минимум на кој може граѓаните или младенците да очекуваат, објаснува за Денар Мартин Ангеловски долгогодишен угостител од Скопје.
„Зголемувањето од пред пандемијата или пред инфлацијата, пред целата криза се некаде околу 20 или 25 отсто. Морам да кажам дека нашите влезни трошоци и кумулативно со се ова што се случи веќе се од 40 до 50 отсто зголемени. Ние сме свесни дека не можеме за тој процент да ја зголемиме излезната цена, секако поради стандардот на граѓаните. Бидејќи, и ќе се рефлектира и обратно кон нас. Норамлно, ако екстремно се зголемат цените ќе се намали бројот на луѓе кои ќе се одлучат да прават свадби или ќе се намали бројот на луѓе кои ги викаат како гости. Така да, гледаме да биде некоја оптимална варијанта, знаеме дека се е скапо, знаеме дека се повеќе станува луксуз и одење во ресторан, правеќе прослава, меѓутоа и ние имаме бизнис кој што го водиме. Имаме вработени луѓе, мораме да се грижиме за сите и да се грижиме за нашиот бизнис и да биде се како што треба.“ вели Мартин Ангеловски сопственик на ресторан Веранда.
За разлика од 2019 година кога невестинските фустани чинеа од 150 евра па нагоре, во 2023 година цената на невестинските фустани се зголемени за 100 проценти. Цените според Занаетчискта комора влијаат од материјалите кои се користат, дизајнот и од каде е нарачан фустанот, но секако влијае и работната рака. Занаетчиите велат дека сега за 100 евра може да се изнајми како што велат најобичен фустан. Што се однесува до машките одела, тие не се драстично поскапени бидејќи повеќето од нив се увезуваат, додаваат од комората на занаетчии. Цените на оделата започнуваат од 100 евра и секако одат нагоре, секое одело зависно од брендот имаат своја цена.
Направивме и споредба на цените и за фотогравските и видео услугите. Во 2019 година фотографирањето на целата свадбена манифестација чинела од 400 до 700 евра во зависност од пакетот на услугите. Годинава истата таа услуга чини од 800 до 1200 евра.
„Најголем дел на оваа цена влијае недостатокот на кадар во оваа дејност.
Козметичките услуги се составен дел од свадбената веселба. Во оваа дејност услугите се поскапени за 50 отсто. И во овој случај освен зголеманата цена на шминките и останатите материјали потребни на козметичките салони, за растот на цената најмногу влијание има недостатокот на кадар. Цените за козметичките услуги во 2019 година се движеа од 50 до 100 евра во зависнот од третманот на лицето и косата. Сега тие цени се за двојно зголемени и истата услуга чини од 100 до 200 евра“, вели за Денар претседателот на Занаетчиската комора Агрон Фазлији.
За своите услуги зголемување на цените имаат и музичарите. Нивните податоци се дека цените кои ги нудат бендовите кои свират на свадби се зголемени од 30 до 40 проценти. И тука се зависи од бендот кој ќе го најмат младенците. Музичарите кои ги контактираше Денар велат дека цените на инструментите се зголемени за 30 отсто.
„Цената на музичарите е зголемена од 30 до 40 отсто во споредба со периодот пред пандемијата. И тоа не е само кај нас, цените пораснаа во рестораните, се зголемија цените на фотографите, декорациите, осветлувањето, бутиците, на сите. Тоа што имаме повисоки цени е поради зголемувањето на цените и на нашите инструменти. Во просек музичките инструменти се поскапи од пред две до три години за цели 30 отсто. На пример, синтизајсерот кој го имаме купено 900 евра во 2019 година, сега тој чини 1200 евра во истата продавница. Кога свириме на самиот прием на свадбата со виолина, порано тоа чинеше 100 евра а сега цената е 200 евра. Има реакции од младенците, но ние со тие пари снимаме спотови, работиме на нови песни, вложуваме во видео спотови. Музиката сепак е најважниот детал на свадбената прослава, и нејасно ни е како може без проблем да се дадат 6000 евра за ресторанот за 200 гости, а скапо им е да дадат 1000 евра за музика“, велат од Сигма Бенд.
Во целата оваа дејност на организација на свадбената прослава сите засегнати се со исто мислење, дека Законот за неработен ден придонесе да овие дејности кои се тесно поврзани за ваквиот тип на ивенти како свадби, крштевки, родендени не може да си ја работата својата работа. Законот ги спречува да работат во недела, така да велат дека се приморани или да работат со затворени врати или воопшто да не работат. Тоа се жалат дека ја нарушува нивната ликвидност, а нивните клиенти во недела бараат услуги во поблиоските градови надвор од државата а така се губат клиентите за овие настани.