Банкарство 12.07.2023 10:17

Минусните салда во деловните банки стануваат се поскапи, но за граѓаните и натаму се неопходни

Минусните салда во деловните банки стануваат се поскапи, но за граѓаните и натаму се неопходни

Деловните банки според сознанијата на „Фактор“ веќе ги приспособуваат стапките на казнената камата на минусните салда за граѓаните, кои од 1 јули со одлука на Народна банка на РСМ треба да изнесуваат 14 отсто.

Централната банка веќе ги извести деловните банки дека од почетокот на месецов референтната стапка за пресметување на стапката на казнена камата, која изнесува 8 отсто, треба да се зголеми на 6 проценти. Станува збор за дозволените пречекорувања на трансакциските тековни сметки кај банките на кои пристигнуваат редовни месечни приливи по основ на плата или пензија.

„Ве известуваме дека референтната стапка за пресметување на стапката на казнена камата ја објавува Народната банка во согласност со Законот за облигациони односи.
Референтната стапка за пресметување на стапката на казнена камата, за периодот од 01.7.2023 година до 31.12.2023 година, е зголемена за 1,25 одсто, односно согласно последната Одлука изнесува 6,00 проценти, додека до 30.6.2023 година изнесувала 4.75 проценти.

Висината на казнената камата е регулирана со Законот за облигациони односи, за денари основицата за правни лица изнесува 10, за физички лица 8 процентни поени на кои се додава референтната стапка“, гласи одговорот кој го добивме од Македонската банкарска асоцијација.

Од разговорот со банкарите, ни беше кажано дека оваа монетарна одлука нема да го намали интересот кај граѓаните за пречекорување, бидејќи услугата е лесно достапна, самите поединци имаат свои потреби и зголемената стапка изгледа незначителна во однос на редовните доходи.

– Стапката е поголема во однос на каматите кај, да кажеме, потрошувачките кредити, но на граѓаните им делува и натаму како мал трошок. Покрај тоа, минусното салдо како услуга е технички лесно спроведлива и делува примамливо за клиентите, ни рече шеф на банкарска филијала со кого разговаравме.

Народна банка од 1 јзнуари 2023 ја зголеми референтната стапка за пресметување на стапката на казнена камата од 2 на 4,75 проценти, а претходно таа беше 1,25 проценти.