Во многу европски земји веќе одамна е воведен задолжителен бакшиш што треба да им го оставите на келнерите и на шанкерите во секое кафуле или ресторанче.
Или подобро кажано, вие не го оставате бакшишот, туку тие самите си го земаат, оти е пресметан во самата фискална сметка заедно со јадењето што сте го изеле и пиењето што сте го испиле.
Обично бакшишот во западните земји изнесува 15-20% од вкупната сума на сметката, додека во Македонија бакшишот сѐ уште е произволен и не е задолжителен.
Од неодамна и тука започна да се наметнува прашањето дали треба и во македонските кафулиња и ресторани да биде бакшишот задолжителен на сметка за најмалку 10 проценти од вкупната сума?!
На пример, ако вкупната сума што ја плаќате со другарите во локалното кафуле изнесува 600 денари, тогаш автоматски ќе ви биде пресметан и бакшишот кој ќе чини 60 денари, па вкупно ќе платите 660 денари.
Денар на оваа тема разговараше и со келнерка во познат скопски ресторан, но и со шанкер во едно локално кафуле.
И двајцата велат дека иницијативата е добра и дека на тој начин повеќе ќе им се цени работата, а и тие самите ќе се трудат да привлечат и да угостат повеќе клиенти.
-Работам во познат ресторан на кејот на Вардар во Скопје. Можам да кажам дека дневната заработувачка е околу 200.000 денари. Значи, имаме многу работа, многу гости, многу нарачки. Цел ден сум на нозе и по цели денови разговарам со различни типови на луѓе. Некои се фини, некои се арогантни, некои оставаат бакшиш, а некои си ги чекаат и последните 5 денари од кусурот. Сепак, во најдобрите денови вадам и двојно повеќе пари од бакшиш од самата дневница, но некогаш немам доволно ни за цигари. Затоа сметам дека е добро да се воведе задолжителен бакшиш во сметката. Ако јас денеска во една смена изработам и направам промет од 50.000 денари, тогаш бакшишот ќе ми изнесува 5.000 денари, а тоа многу добро звучи. Но, не знам дали сопствениците би прифатиле ваква промена – вели нашата соговорничка која сакаше да остане анонимна.
Затоа, пак, шанкерот Виктор Стефановски од Карпош вели дека уште денеска ќе им предложи на сопствениците на кафулето да воведат задолжителен бакшиш.
-Не дека немаме доверба едни во други, ама може да се случи келнерот да не го пријави бакшишот и да си го стави в џеб. А договорот ни е да го делиме бакшишот на половина. Затоа, на овој начин со задолжителен бакшиш, ем ќе се решат сите недоразбирања, ем ние ќе добиваме дополнителен приход. Ќе зборувам со газдите, веројатно ќе сфатат колку е ова важно за нас вработените – ни изјави Стефановски.
Со оглед на кризата во којашто е западната земјава, бакшишот во угостителските објекти речиси и да не постои. Цените на храната и на пијалаците се зголемени, на луѓето им се скапи седенките, па затоа сѐ поретко решаваат да ги наградат келнерите.
А токму бакшишот, пак, колкав и да е, претставува главна мотивација и доказ за вредната работа на угостителските работници.